Похвала на нашиот татко и учител словенски Кирил Философ

Похвала на нашиот татко и учител словенски Кирил Философ

од Свети Климент Охридски
на македонски јазик
Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен татко Кирил, нов апостол и учител на сите земји којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет.

Божјата премудрост си соѕида храм во неговото срце и на јазикот негов како на херувим почиваше секогаш Светиот дух разделувајќи дарови според верата, како што кажуваше и апостолот Павле дека секому од нас му се дава длагодет како што дарувал Христос. Којшто ќе каже дека ме љуби како Господа, и јас ќе го заљубам, ќе му се покажам самиот и во него ќе си направам храм и тој ќе ми биде син, јас ќе му бидам татко.

Таква татковина барајќи овој преблажен отец и учител наш ја остави сета убавина на овој живот, домот и богатството, татка си и мајка си, браќата и сестрите. Од младини беше чист како ангел, се оттргнуваше и избегнуваше од житејски сладости и секогаш беше со псалми и пеење и со духовни поуки. Врвеше само по еден пат што води на небеси. Затоа низ неговата уста се изли божјата благодат, како што кажал премудриот Соломон: во устата на премудриот влегува вдахновение, тој носи закон и милост на јазикот, со него ги врзува злословните усти на еретиците.

Се појавија ереси за времето на Теофиликоноборец, и се одржаа многу години, прогонувајќи ја светоста на иконите и соборувајќи ја. А при, благоверниот цар Михаил направија правоверен собор управен против еретиците и сета нивна злоба ја изгореа со духовна сила. Каде и да се чуеше некаква хула за божествениот образ, како со крилја, тој прелетуваше над сите земји и со јасни приказни ги разрушуваше сите соблазни и упатуваше кон права вера, исполнувајќи го оставениот завет на Павла. Ги прелета како орел сите страни од исток до запад и од север до југ, меѓу Хазарите и Сарацените и заради светата вера се најде и на соборите. Како сонце греешесо триж светли зраци и секоја нивна заблуда ја отклонуваше. Во фулскиот народ ја победи безбожната измама и светна со триж вечна светлина.

На словенскиот народ, којшто беше во незнаење и греовен мрак, по милоста и човекољубието на Господа, нашиот Исус Христос му стана пастир и учител. И им ги затна устите на волците, на тријазичните еретици, пророчки укажувајќи на тревливиот јазик и упатувајќи ги сите со писмо кон спасение. И Господ Бог благоволи да почне неговото пречесно тело во Рим.

Неговиот труд и подвиг ги почитуваме и слични пофалби нема кому да упатиме, па иако отпосле светна, сепак надмина сè, како и Деница, која иако огрева најпосле, со својата светлина ги облева сите ѕвезди кои имаат сончева светлина. Така и преблажениот отец и учител на нашиот народ повеќе од сонце со тројни лачи сјаеше и просвети безброен народ којшто лежеше во мракот на незнанието. Нема место што не е осветлено од неговата блажена душа, оти на сите народи скриените тајни им ги откри разумно исповедајќи, на едни со писмо, на други со поука. Божја благодат се изли низ устата негова и затоа го благословил Бог за вечно.

Затоа која уста да ја искаже сладоста на неговото учење, а кој јазик ќе може да ги каже неговите подвизи и трудови и добрината на неговиот живот. Оти таа уста, посјајна од светлината, ја покажа Господ. Таа ги просветува помрачените од лагата на гревот, тој јазик источи слатки и животворни зборови, тие пречесни усни расцутија со премудрост, неговите пречесни прсти поставија духовен органон и го украсија со златозрачни букви, со таа богогласна уста се напоија жедните за божји разум, со неа мнозина се насладија со животворна храна. Со неа Господ обогати многу народ со божја мисла, дури и го венча со богткаен тен овој апостол. И од неговата уста потече изворот на животворни зборови исполнувајќи ја нашата суша пресушена и преку неа се покажа многухулен еретички јазик. Оти таа чесна уста се покажа како серафим којшто го прославува Бога. Низ неа научивме за триделното божество, претставено од едно суштество што се разделува со именуваните својства и еднакво прославување на вечноприсутниот Татко и Светито Дух.

Затоа, да биде блажена твојата уста, о блажени оче Кириле, од неа на мојата уста се источи духовна сладост. Блажен го наречуваме твојот многугласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлина на триж вечниот Бог. Ти го разгони мракот на гревот. Блажено да е твоето пресветло лице озарено од Светиот дух, од него на моето лице богоразумен блесок сјае и многубожечката измама се искорени.

Блажени да се твоите златозрачни очи кои го одзедоа неразумното слепило од моите очи и ми огреа богоразумна светлина. Блажени да се твоите ангеловидни зеници озарени од божествената слава, тие ми го разгонија слепилото на срцето и го просветија со боговдахновни зборови.

Блажени да се твоите пречесни раце, од нив му слезе на твојот народ богоразумен облик и ги напои со божествена роса нашите срца изгорени од сушата на гревот. Блажени да се твоите богодвижни прсти, тие му ја напишаа на мојот народ слободата од гревното иго.

Блажена да е твојата златозрачна утроба од која му истече на мојот народ животворна вода одозгора дојдена со твоите молитви.

Блажени да се твоите свети нозе со кои ги обиколи како сонце сиот свет проповедувајќи од Бога вдахновена наука. Блажени да се твоите златозрачни стапки со кои ги упати нашите заблудени нозе на прав пат.

Блажена да е твојата пресвета душа што ја излекува мојава душа од струпјето на гревот и всади разум во нашите срца со духовни зборови.

Блажена да е твојата пречиста црква во која лежи твојот многуразумен богогласен органон.

Блажен да е градот којшто го прими тертиот извршител на Божјата промисла. Извршувајќи го заветот на врховните светла, се јави Ти, блажен бидејќи.

Затоа и со нив му нареди Господ Бог да прими прелесен покој. Почина со мир во летото Господово 6377 од создавањето на светот, во месец февруари, во 14 ден и со животот и со верата им се придружи на сите свети оци и делата на подвизите на сите извршувајќи ги и самиот. И со ангелите беше како ангел и со пророците пророк, со сите свети толкувач на славата божја.

Со нив моли се за нас, преподобен учител, што го прочитуваме твоето преславно успение во славата на Пресвета Троица, Таткото и Синот и Пресветиот Дух, сега и секогаш и во сите векови, АМИН!


---- Свети Климент Охридски


Наводи

  • Мирко Павловски, Примери од литературата, Скопје 1993.