Писмо од апостол Јуда (вики-превод)
Трето писмо од апостол Јован (вики-превод) | Писмо од апостол Јуда Библија (вики-превод) од н.п. |
Откровение (вики-превод) |
Глава 1
уреди
Авторство и поздрави
уреди1Од Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков,
до повиканите, оние што Бог Таткото ги сака и Исус Христос ги чува.
2Бог нека ви даде во изобилие милост, мир и љубов.
Повод за ова писмо: појавата на лажливи вероучители
уреди3Драги пријатели, многу сакав да ви пишувам за нашето заедничко спасение што го имаме, но сметам дека е неопходно да ви напишам и да ве охрабрам да ја браните верата што еднаш засекогаш Бог им ја предаде на Своите верни следбеници. 4Се вовлекоа меѓу вас безбожни луѓе, што ја извртуваат пораката за благонаклоноста на нашиот Бог, за да си го оправдаат сопствениот разврат. Тие не Го признаваат нашиот единствен Владетел и Господ Исус Христос. За нив во Светото писмо уште одамна е запишано дека ќе бидат осудени.
Три примери за поука од минатото
уреди5Сакам да ве потсетам на тоа што вие веќе го знаете. Иако Господ го избави својот народ од Египет, сепак потоа ги уништи сите што немаа доверба во Бог. 6Ангелите што не ги исполнуваа задолженијата што им беа дадени, туку ги напуштија своите места, Тој ги окова во вечни вериги, и ги чува во мрак, сѐ до големиот Суден ден. 7Содом и Гомора, заедно со околните градови, се оддадоа на блуд и неприродни телесни страсти. Слично како и ангелите, и тие за казна беа предадени на вечен оган, за да им служат како предупредување на луѓето.
Осуда на лажливите вероучители
уреди8На сличен начин и овие луѓе, вообразени мечтатели[1], од една страна си ги поганат сопствените тела, а од друга ја презираат врховната власт на Бог и ги навредуваат славните суштества.
9Дури ни архангелот Михаел, кога се препираше со ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: „Господ да те прекори!“
10Овие луѓе го навредуваат она што не го разбираат. Тие знаат да го прават само она што е инстинктивно, како безумните животни. Тоа ќе ги уништи!
11Тешко ним, зашто тргнаа по патот на Каин! Како Балаам, за пари сѐ ќе направат! Како и Корах ќе изгинат поради нивното бунтовништво.
12Овие луѓе се црна дамка на вашите заеднички спомен-вечери[2]. Се гоштаваат со вас без трошка страв. Само за себе се грижат. Тие се облаци што многу ветуваат, но дожд во нив нема. Тие се овошки без плодови во време на берба, двојно мртви, зашто и корењата им се извадени.
13Тие се разбеснети морски бранови кои како пена ги исфрлаат на брегот своите срамни дела. Тие се ѕвезди заскитани, забревтани кон вечна и најцрна темнина.
14За таквите луѓе пророкувал Енох, кој живеел во седмата генерација по Адам, кога рекол:
- „Ете, доаѓа Господ
- со десетици илјади Свои светии
- 15да им суди на сите,
- да ги осуди безбожниците
- за сите нивни зли дела,
- што безбожно ги извршија,
- за сите навредливи зборови
- што ги изрекоа безбожните грешници
- против Него.“
16Тие се луѓе што негодуваат и постојано имаат поплаки, а се раководат само од сопствените телесни похоти. Постојано се фалат и им ласкаат на сите од кои можат да имаат некаква корист.
Поттик за верност
уреди17Но вие, драги пријатели, помнете го сето она на што ве поучуваа апостолите на нашиот Господ Исус Христос.
18Тие ви кажаа дека во последните времиња ќе има луѓе што ќе се подбиваат, ќе се раководат само од сопствените страсти и ќе прават безбожни нешта.
19Тоа се луѓе што создаваат поделби меѓу вас. Живеат онака како што им наложуваат инстинктите, зашто во нив го нема Божјиот Дух.
20Но вие, драги пријатели, продолжете да ги градите вашите животи врз темелите на нашата света вера. Молете се, водени од Светиот Дух[3].
21Во очекување на вечниот живот што милостиво ќе ви го подари нашиот Господ Исус Христос, останете под закрилата на Божјата љубов.
22Бидете милостиви спрема оние со непостојана вера.
23Спасувајте луѓе, истргнувајќи ги од огнот. Спрема сите грешници покажете милост, внимавајќи и самите да не се заразите од нивните гревови[4].
Славопој за Бог
уреди24А сега, на Оној што е способен да ве зачува од паѓање и Кој со голема радост ќе ве доведе во Неговата беспрекорна слава, 25на единствениот Бог и наш Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, Нему Му припаѓаат славата, величественоста, власта и моќта уште пред почетокот на времето, и сега, и во сите времиња! Амин.