Писмо од апостол Јаков
Писмо до Евреите | Писмо од апостол Јаков Библија од [[]] |
Прво писмо од апостол Петар |
Глава 1
уреди
1Од Јаков,
слуга на Бог и на нашиот Господ Исус Христос. Поздрав до еврејските христијани од сите дванаесет племиња, распрснати низ целиот свет.
Проверка на верата
уреди
2Радувајте се, христијани, кога минувате низ разни искушенија,
3зашто знаете дека колку повеќе вашата вера се проверува, толку поистрајни станувате.
4Морате да научите сѐ да издржите, за да станете зрели, целосни и ништо да не ви недостасува.
Молитва со вера
уреди
5Ако на некој од вас му недостасува мудрост, нека бара од Бог и Тој ќе му даде. Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него.
6Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и го разбива.
7Таков човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ,
8бидејќи е неодлучен и непостојан во сѐ.
Сиромаштијата и богатството
уреди
9Христијаните што се сиромашни треба да се гордеат со својот возвишен позив,
10а богатите - со понизност. Богатите ќе прецветаат како дивите цветови.
11Ќе огрее жешкото сонце, ќе ја исуши тревата, па дивите цветови ќе се исушат и сета нивна убавина ќе исчезне. Така е и со богатите. Ќе овенат презафатени со она што го работат.
За искушенијата
уреди
12Благословен е оној човек, што и покрај искушенијата низ кои минува, останува верен. Откако ќе го помине испитот, Бог ќе го награди со вечен живот[1], како што им вети на сите што Го сакаат.
13Никој, кога е во искушеније да направи нешто грешно, нека не вели: „Бог ме искушува со грев!“ Ниту Бог Себеси се проверува со грев, ниту пак вас ве проверува со грев.
14Секој паѓа во искушение тогаш кога ќе го намамат и ќе го фатат во стапица неговите сопствени, необуздани страсти.
15Кога необузданата страст ќе се зачне, таа раѓа грев, а растењето на гревот доведува до смрт.
16Мили мои, не дозволувајте да бидете измамени.
17Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ја создал светлината. Кај Него колебање нема. Нема ни трага од некаква промена.
18Тој сакаше ние да бидеме „ref> Мојсеевиот Закон кажува дека првородените од сите животни и првите плодови од сите растенија Му припаѓаат на Господ.</ref>првина меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање.
Да се слуша и да се спроведува на дело
уреди
19Драги мои пријатели: повеќе слушајте, а помалку зборувајте и воздржувајте се од гневење.
20Гневот не води кон правичност каква што Бог очекува од нас.
21Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја посади во вашите срца и што може да ве спаси.
22Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете!
23Тој што слуша, а не исполнува, е како човек што ќе се погледне во огледало,
24и ќе си замине, заборавајќи како изгледа!
25Само оној што ќе се задлабочи во совршениот Закон, законот ослободува, и секогаш ќе се придржува до него, не заборавајќи го она што го слушнал, туку исполнувајќи го, ќе биде благословен од Бог во сѐ што работи.
26Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш - твојата побожност е безвредна!
27Побожност што Бог, нашиот Татко, ја прифаќа како чиста и непорочна е оваа: Да се грижиш за сирачињата и вдовиците што се во невола и да се одржиш неизвалкан од овој свет.
Глава 2
уреди
Против предрасудите
уреди
1Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо.
2Да претпоставиме на вашата богослужба влегува човек со златни прстени на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека.
3Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“,
4зарем со тоа не ги дискриминирате луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!?
5Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството што им го вети на оние што Го сакаат?
6А вие ги презирате сиромашните! Кој ве тормози, кој ве влечка по судови? Токму богатите!
7Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите?
8Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси[2].“
9Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници.
10Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виниовник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон.
11Зашто истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба[3]!“, рекол и: „Не убивај[4]!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот.
12Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот законот што нѐ ослободува!
13Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата[5].
Неделотворната вера е бескорисна
уреди
14Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси?
15Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна.
16Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неоходно за да преживее!?
17Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера.
18Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера.
19Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв!
20Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, сакаш ли доказ дека од вера без дела нема никаква „ref> Во некои ракописи: вера без дела е мртва.</ref>корист!?
21Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот?
22Гледате ли дека неговата вера беше усогласена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера.
23Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „[6]Авраам Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател
24Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера.
25Така беше и со блудницата Раав. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез?
26Како што телото без дух е мртво, така и верата без соодветни дела е мртва.
Глава 3
уреди
Зауздување на јазикот
уреди
1Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе.
2Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело.
3На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме.
4Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат.
5Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали!
6Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол.
7Секое животно, било да е ѕвер, птиците, влекач или од морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот,
8но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров.
9Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие.
10Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!?
11Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода?
12Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Не може од солен извор да се црпи слатка вода!
Вистинската мудрост доаѓа од Господ
уреди
13Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро.
14Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри.
15Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична[7] и демонска.
16Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела.
17Небесната мудрост нѐ прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни.
18А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност.
Глава 4
уреди
Пријателството со светот
уреди
1Од каде произлегуваат судирите и кавгите меѓу вас? Зарем не произлегуваат од вашите необуздани страсти што постојано војуваат во вашите тела?
2Го посакувате тоа што го немате и ќе направите сѐ за да го добиете! Подготвени сте дури и да убиете! Ќе пукнете од завист. Се карате, се расправате и пак не го добивате, бидејќи не го барате од Бог.
3А и кога барате - не добивате, бидејќи барате со грешни мотиви, за да ги задоволите вашите необуздани страсти.
4Тоа е неверство спрема Бог! Зар не знаете дека пријателството со овој свет значи непријателство со Бог!? Секој што ќе одбере да му биде пријател на овој свет, Му станува непријател на Бог.
5Зарем мислите дека Светото Писмо попусто кажува: „Духот што Бог го поставил да живее во нас до ревност копнее за нашата верност кон Него[8].“
6Всушнот Бог е многу поблагонаклонет спрема нас, како што и кажува Светото Писмо:
=П „Бог им се противставува на гордите, =П но спрема скромните е благонаклонет[9].“
7Затоа, дозволете Бог да ве води. Спротивставете му се на ѓаволот, па тој ќе побегне од вас!
8Приближете се кон Бог и Тој ќе се приближи кон вас! Грешните луѓе нека си ги измијат рацете, лицемерните нека си ги пречистат срцата.
9Нека жалат, нека тагуваат и нека плачат. Наместо да се смеат, нека тагуваат, наместа да се радуваат, нека жалат.
10Бидете понизни пред Господ и Тој ќе ве издигне!
Предупредување против критизерството
уреди
11Пријатели мои, не зборувајте лошо еден против друг! Кој зборува против својот пријател христијанин или го осудува, тој го напаѓа и осудува Божјиот Закон. А ваша задача е да го исполнувате Божјиот Закон, а не да го оценувате!
12Само Бог е Законодавец и Судија. Само Тој може да спасува или да уништува. Со кое право ти му судиш на твојот ближен!?
Грешна самоувереност
уреди
13Слушнете ме сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во тој и тој град и таму една година ќе работиме, ќе тргуваме и ќе заработиме.“
14Што знаете вие за утрешниот ден? Од каде знаете дали утре ќе бидете живи? Вашиот живот е како утринската магла: ќе се појави на кратко и набргу исчезнува.
15Треба да велите: „Ако е Божја волја, ќе бидеме живи и ќе го правиме ова или она.“
16Наместо тоа, вие самоуверено се фалите со вашите планови. Лошо е така да се фалите.
17Секој што не прави добро, иако знае дека треба да прави, греши.
Глава 5
уреди
За неправедните богаташи
уреди
1Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат!
2Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа.
3Вашето сребро и злато 'рѓосаа. Таа 'рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Сте натрупале богатство во овие последни денови.
4Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојдоа до ушите на Семоќниот Господ.
5Живеевте раскошно и разуздано на земјата, си ги угоивте телата како стока готова за клање.
6Осудувате и убивате праведни луѓе, кои не можеа да ви се спротивстават.
Трпение при страдања
уреди
7Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да созрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд.
8Бидете и вие трпеливи како нив и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде!
9Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата!
10Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во име на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат.
11Оние што најмногу издржале, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство.
12Но пред сѐ, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во Небото, ни во Земјата, ниту во било што друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда.
Моќта на молитвата
уреди
13Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност.
14Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помажат со маслиново масло во името на Господ.
15Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и ако направил грев, ќе му прости.
16Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете излечени. Енергична молитвата од праведен човек има голема сила!
17Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата.
18Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови.
19Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад.
20Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.
- ↑ Буквално: ќе го прими венецот на животот.
- ↑ 3 Мој. 19:18.
- ↑ 2 Мој. 20:14, 5 Мој. 5:18.
- ↑ 2 Мој. 20:13, 5 Мој. 5:17, Иса. 41:8.
- ↑ Или: Биди милостив, за на Судниот ден Бог да биде милостив спрема тебе.
- ↑ 1 Мој. 15:6.
- ↑ Буквално: душевна, психолошка.
- ↑ Или: Духот што Бог го поставил во нас навистина се грижи за нас.
- ↑ Пог. 3:34.