Петта книга Мојсеева/ 1 глава
нема | Петта книга Мојсеева 1 глава од Мојсеј |
2 глава |
1 Ова се зборовите што Мојсеј му ги упати на сиот Израел отаде Јордан, во пустината, во Араб спроти Суф, меѓу Фаран и Тофел, Лавон, Асирот и Дизав -
2 од Хорив до Кадис-Варниј, преку Синајската Гора, на единаесет денови одење.
3 Тоа беше во четириесеттата година, во првиот ден на единаесеттиот месец, кога Мојсеј им кажа на Израелците сè што му нареди Господ за нив.
4 Откако ги порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот и во Едраи,
5 значи од онаа страна на Јордан, во Моавската Земја, Мојсеј почна да го кажува овој Закон, и рече:
6 „Господ, нашиот Бог, ни рече на Хорив: ‘Доста престојувавте на оваа гора.
7 Тргнете на пат! Отидете во планинскиот крај на Аморејците и на сите нивни соседи, во Араб, во Горјето, во Долините и во Негев, на морскиот брег, и во Ханаанската Земја и во Ливан, сè до Големата Река, до реката Еуфрат.
8 Ете, пред вас ја ставам оваа земја. И така, отидете и заземете ја земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство по нив.’
9 Тогаш ви реков: ‘Не можам да ве водам сам.
10 Господ, вашиот Бог, толку ве размножи што денес ве има колку и ѕвезди на небото.
11 Господ, вашиот Бог, нека ве умножи уште илјадапати! Нека ве благословува како што вети!
12 Ама, како би можел јас да го носам сам вашиот товар, вашето бреме и вашите спорови?
13 Заради тоа изберете од вашите племиња умни, искусни и угледни луѓе, за да ви ги поставам за главатари.’
14 Вие ми одговоривте: ‘Добро е тоа што го предлагаш.’
15 Затоа ги зедов првенците од вашите племиња, умни и угледни луѓе, па ги поставив за главатари: за илјадници стотници, педесетници, десетници и за ваши племенски надгледувачи.
16 Во тоа време им наложив и на вашите судии: ‘Сослушајте ги своите браќа; судете праведно меѓу човекот и неговиот брат или придојденикот.
17 Немојте да бидете пристрастни во судењето; сослушувајте го малиот како и големиот. Не бојте се од никого! Па судот е Божји! Ако некој случај ви биде претежок, изнесете го пред мене, за да го разгледам јас.’
18 Така тогаш ви наложив сè што треба да правите.”
19 „Тргнавме од Хорив и, на патот кон горските краеви на Аморејците, како што ни нареди Господ, нашиот Бог, ја поминавме сета онаа голема и страшна пустина што ја видовте. Стигнавме во Кадис-Варниј.
20 Тогаш ви реков: ‘Дојдовте во горскиот крај на Аморејците, што Господ, нашиот Бог, ни го дава.
21 Ете, Господ, твојот Бог, ја стави пред тебе таа земја. Стани! Заземи ја, како што им рече Господ, Бог на твоите татковци. Не бој се! Не стравувај!’
22 Тогаш сите дојдовте кон мене и рековте: ‘Да испратиме пред себе луѓе за да ја согледаат земјата и за да ни јават за патот по кој ќе одиме и за градовите во кои ќе дојдеме.’
23 Ми се видоа добри зборовите што ги рековте. Затоа зедов дванаесет луѓе од меѓу вас, по еден од секое племе.
24 Тргнаа кон гората, стигнаа до Есхолската Долина па го извидија крајот.
25 И набраа плодови од онаа земја, ги донесоа кај нас и јавија: ‘Земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог, е добра.’
26 Ама вие не сакавте натаму; се побунивте против наредбите на Господа, својот Бог.
27 Викавте во своите шатори и велевте: ‘Во својата омраза кон нас, Господ нè изведе од Египетската Земја за да нè предаде во рацете на Аморејците, за да нè уништат.
28 Каде да одиме? Нашите браќа нè обесхрабрија, кога рекоа: „Народот е и поголем и посилен отколку ние; градовите се големи и нивните ѕидови стигаат до небесата. А видовме таму и Енакови потомци.”‘
29 ‘Не бојте се! - ви реков. Не плашете се од нив!
30 Господ, нашиот Бог, Кој оди пред вас, ќе се бори за вас како што го направи пред вашите очи во Египет.
31 Освен тоа, виде и во пустината, каде Господ, твојот Бог, за време на целиот пат што го поминавте додека не стигнавте на ова место, ве носеше како што човек го носи своето синче.’
32 Но, и покрај тоа, вие не Му поверувавте на Господа, својот Бог,
33 во Оној, Кој, при патувањето, одеше пред вас за да ви побара место за оптегање на шаторите - цела ноќ во оган за да ви го осветлува патот по кој ќе одите, а цел ден во облак.”
34 „Господ ја чу вашата врева и се заколна во Својот гнев:
35 ‘Ниеден единствен од овие луѓе, од ова опако поколение, не ќе ја види оваа добра земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.
36 Освен Халев, синот Ефониев. Тој ќе ја види; нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата низ која одеше, зашто верно го следеше Господа.’
37 Заради вас Господ се налути и на мене па ми рече: ‘Ни ти нема да влезеш онаму.
38 Онаму ќе влезе само Исус, синот Навинов, кој ти служи. Охрабри го ти него, зашто тој ќе го воведе Израел во неговото наследство.
39 А и вашите мали деда, за кои рековте дека ќе станат робови, вашите синови кои не знаат да го разликуваат доброто и злото, тие ќе влезат во неа; ќе им ја дадам ним во сопственост.
40 А вие завртете се и запатете се во пустината, кон Црвеното Море!’
41 Вие тогаш ми одговоривте со зборовите: ‘Согрешивме против Господа. Ќе тргнеме горе и ќе се бориме како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.’ Секој од вас го грабна своето оружје и непромислено тргна горе во планините.
42 Тогаш Господ ми рече: ‘Кажи им: „Не одете горе и не стапувајте во борба, за да не ве поразат вашите непријатели, зашто Јас не Сум меѓу вас.”‘
43 Така и ви зборував, но не послушавте. Вие и се спротививте на Господовата заповед и, полни со дрскост, тргнавте кон планината.
44 Но Аморејците, кои живееја во гората, удрија на вас, ве збркаа, по вас се нафрлија како пчели, па ве поразуваа од Сир до Орма.
45 Откако се вративте, плачевте пред Господа, ама Господ не го слушаше вашето лелекање, ниту го сврте Своето уво кон вас.
46 Во Кадис требаше да останете долго време, онолку колку што веќе останавте таму.”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse