Петта книга Мојсеева/ 13 глава
12 глава | Петта книга Мојсеева 13 глава од Мојсеј |
14 глава |
1 „Ако во твојата средина се појави некаков пророк или човек со гледање во соништа, па ти изнесе некаков знак или чудо;
2 и тој знак или чудо, за кое ти зборувал, се исполни, и тогаш тој ти рече: ‘Да тргнеме сега по други богови, кои досега не ги познаваше, и ним да им искажуваме почитување,’
3 не слушај ги зборовите на тој пророк ни соништата на тој сонувач: па тоа ве искушува Господ, вашиот Бог; сака да дознае дали навистина Го љубите Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.
4 Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него.
5 А оној пророк или соновидец нека биде погубен, зашто поттикнуваше на отпаѓање од Господа, од вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја и ве откупи од куќата на ропството. Оној сакаше да те заведе од патот по кој Господ, твојот Бог, ти нареди да одиш. Така треба да го откорнеш злото од својата средина.”
6 „Кога твојот брат, синот на мајка ти, или твојот сопствен син, твојата ќерка, жената во твојата прегратка, или твојот пријател кој ти е како и животот, би те заведувал потајно, велејќи: ‘Ајде да им служиме на други богови,’ кои не ги познаваш ни ти ниту ги познаваа твоите татковци,
7 на боговите на оние народи што ќе бидат околу вас, било близу до тебе, било далеку од тебе, од едниот до другиот крај на земјата,
8 немој да се согласиш ниту го слушај! Твоето око нека не го сожалува; не штеди го и не сокривај го,
9 но уби го! Твојата рака нека се дигне прва за да го умртвиш, а потоа раката на целиот народ.
10 Затрупај го со камења додека не умре, зашто се обидуваше да те одврати од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството.
11 Кога ќе го чуе тоа, целиот Израел ќе се наполни со страв, па веќе не ќе прави такво зло во твојата средина.”
12 „Ако во твојот град, што Господ, твојот Бог, ќе ти го даде да се населиш во него, чуеш како зборуваат:
13 ‘Се појавија лоши луѓе во твојата средина и ги заведоа жителите на својот град, кажувајќи: „Ајде да им служиме на други богови!” - што вие инаку не ги познавате’ -
14 тогаш добро истражи, распрашај се и темелно извиди. Ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во твојата средина,
15 тогаш исечи ги со остар меч жителите на тој град, предај ги на проклетство него и сите што се во него и неговиот добиток.
16 Потоа собери го сиот плен среде плоштадот па изгори го градот со сиот плен како паленица за Господа, својот Бог. Нека остане засекогаш урнатина, и веќе никогаш нека не се соѕидува.
17 Од она што беше предадено на проклетство нека ништо не се прилепи за твојата рака, за да се откаже Господ од жестокоста на Својот гнев; за да ти искаже милосрдие, да ти се смилува и да те размножи, како што им се заколна на твоите татковци,
18 ако ти го слушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги сите Негови заповеди, што ти ги наредувам денес, и вршејќи што е право во очите на Господа, твојот Бог.”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse