О писменех

од Црноризец Храбар
„За буквите“
Порано, пак, Словените немаа книги, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа исто како и многубошците. А кога се покрстија, беа принудени словенските зборови да ги пишуваат со римски и грчки букви, без некое особено правило. Но како може да се пишува со грчки букви: и бгъ[1] или жизънь[2], ѕѣло[3] или цркѿвъ[4] или члкъ[5] или широта или шєдрѿты[6] или юность[7] или ѫзыкь[8] или ıaдь[9] и слични на тие? И така се продолжуваше многу години.

Потоа човекољубецот Бог, којшто го стори и не го остави човечкиот род без разум, туку сите луѓе ги доведува до разум и спасение, се смили на човековиот род, па им го испрати Св. Константина Филозоф, наречен Кирил, праведен и вистинољубив маж, кој им приготви 38 букви, едно по образ на грчката азбука, а други според словенскиот јазик. Таа[10] започнува со алфа, а оваа[11] со аз. И така обете започнуваа со аз. И како што Грците ги направија своите букви подражавајќи ги еврејските, така и тој по образец на грчките. Како што Евреите, кога воведуваат дете во училиште му велат: „Учи се!“ - како она што значи алеф, така и Грците го примија алфа. По тој начин правилото во еврејската реченица стана заповед во грчкиот јазик, којшто се дава на детето! „Во училиштето барај алфа, бој се, вели, од грчкиот јазик!“ Слично на тоа и Св. Кирил ја направи првата буква аз. И како прва буква аз, дадена од Бога на словенското племе за да се отворат устите на децата при учењето на разумот преку буквите, тоа се произнесува со широко отворање на устата, а другите букви се произнесуваат со послабо отворање на устата.

Овие словенски букви и вака треба да се пишуваат и изговараат: а, б, в дури до о и тие се 24 букви. Исти како грчките букви се и овие: А, Б, Г, Д, є, З, И, Т, Ї, К, Л, М, Н, Ѕ, О, П, Р, С, Ѿ, Ѵ, Х, Ѡ, Т, Ф. Четиринаесет се според словенскиот јазик и тие се овие: Б, Ж, Ѕ, Ц, Ч, Ш, Щ, Ъ, Ы, Ь, Ѣ, Ю, Ѫ, Ѧ.

Некои велат: „Зошто сторил 38 букви? Може да се пишува и со помалку како што прават Грците кога пишуваат со дваесет и четири“. Но тие не знаат точно со колку букви пишуваат Грците. Има, навистина, 24 букви, не не ги исполнуваат со нив книгите, ами додале уште 11 двогласи и 3 знака за броевите 6, 90 и 900, та се збираат 38 букви.

Има пак некои што зборуваат: „Зошто е словенската азбука? Ниту Бог ја створил, ниту ангелите, ниту се отпрвин створени[12] и примени од Бога како што се тоа еврејските, римските и грчките?“ А трети мислат дека сам Бог го создал буквите. А не знаат, кутрите, што зборуваат дека на три јазика Бог наредил да се пишуваат книги, како што пишува во евангелието: „И имаше штица напишана на еврејски, римски и грчки.“ А словенски таму немаше, та заради тоа словенските букви не се букви од Бога. На тоа што да кажеме и што да им речеме на такви безумни? Да им кажеме како што сме научиле од Светото писмо, и дека се по ред и се иде од Бога, а не од друг некој. Не го создал Бог прво еврејскиот јазик, ниту римскиот, ниту грчкиот, туку сирискиот на кој што зборувал Адам, и од Адама до потопот кога Бог ги разделил јазиците при вавилонската кула[13]: „Размешани беа јазиците.“ И како што се размешаа јазиците и наравите и обичаите, наредбите и законите и искуствата[14]: на Египќаните - геометријата, на Персијанците, Халедеите и Асирците - астрономијата, гатањето врачањето, маѓепсувањето и секаква човечка вештина; на Евреите пак, светите книги, а во нив е пишано дека Бог го создаде небото и земјата и сè на неа и сè по ред како што пишува; а на Грците - граматиката, реториката и филозофијата.

Но пред тоа Грците немаа букви на свој јазик, а ги пишуваа своите зборови со феникиски букви. Така беше многу години. После се јави Паламид, што почна од алфавита и им изнајде на Грците само 16 букви. Кон нив Кадам Милетски додаде уште три букви. Со овие 19 букви пишуваа многу години. А после Симонид изнајде и додаде уште две букви, писателот Епихариј изнајде три букви и се собраа 24 букви. По многу години Дионисиј Граматик изнајде шест двогласки, после друг пет, и друг три за броевите. И така мнозина за многу години, одвај собраа 38 букви. После пак, кога поминаа многу години, се најдоа и по божја повела 70 мажи, што го преведоа од еврејски на грчки јазик[15]. Свети Константин наречен Кирил, сам и словенските книги и букви ги преведе за малку години, а оние мнозина и за многу години: седум души ги создадоа нивните букви, а седумдесет души преводот. Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, зошто свет маж ги створил, а грчките, пак, букви многубошци.

Ако, пак, некој рече дека не ги донаправил добро, бидејќи и сега се доправаат, и на тоа ќе одговориме: „Исто така и грчките многу пати се поправани од Ахила и Симаха, а потоа и од мнозина други. Оти позгодно е да се поправаат после, отколку првпат да се создаваат.“

Ако ги запрашаш, пак грчките книжевници: „Кој ви ги создал буквите и превел книгите? - Тоа малцина од нив и ретко знаат за тие работи. Ако, пак, ги запрашаш словенските книжевници: „Кој ви ги создал буквите и кој ви ги превел книгите?“ - сите знаат и одговарајќи ќе кажат: Свети Константин Философ, наречен Кирил, тој нам ни ги создаде буквите и книгите ги преведе, заедно со брата си Методија. Уште се живи оние што ги виделе нив.“ И ако прашаш во кое време , знаат и во одговор ќе речат дека тоа станало во времето на грчкиот цар Михаил, бугарскиот кнез Борис моравскиот кнез Коцељ - во годината од создавањето на светот 6363[16]. Има и други одговори и на друго место ќе ги кажеме зашто сега нема време... Таков разум браќа, им подари Бог на Словените, Кому му припаѓа слава, чест и држава сега, порано и во сите векови, амин.


Наводи

  • Мирко Павловски, Примери од литературата, Скопје, 1993 година.

Забелешки

  1. бог
  2. живот
  3. многу
  4. црква
  5. човек
  6. дарежливост
  7. младост
  8. јазик
  9. отров
  10. грчката
  11. словенската
  12. буквите
  13. столпотворение
  14. науките
  15. Светото писмо
  16. 863 г.