Очи
„Очи“ од Ацо Шопов |
- Три дена на раце те носевме збрана,
- со тага и болка на погледот срцен,
- и секоја капка на твојата рана
- ко крвава жар ни капеше в срце.
- Другарите беа и морни и гладни
- со згорени грла и свиени плеќи
- со тап бол се впија во очите ладни
- и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
- Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
- и борците под нив ќе цветат и раснат,
- в студените утра ќе греат ко сонце
- и никога нема да стијнат и згаснат.
- Последната вечер в планинското село,
- кај борците беа со дрипава дреа,
- со пликови жешки на стапал тешки,
- и смрштени чела - згасени, мразни
- ко нивните пушки укочени, празни,
- и нечујно, глуво, ко здушена реја
- се точеше шепот од уво до уво:
- "Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
- а ние сме малку, - сал неколку души..."
- И кога ко игла ти прободе уши -
- ти растресе снага и размолска тага,
- со лунјени очи широки и волни
- ги расече в ноќта здивените молнји!
- Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш -
- в смрзнатата вечер на пролетта рана,
- кај нашата младост и првата радост
- ја косеше луто куршумната слана,
- а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
- и летна во ноќта крвава и црна, -
- со своите очи што ригаа пламен
- ги растопи чашкум челичните зрна...
- И после! И после - в последната вечер...
- јас нејќам да мислам што потаму стана,
- прошталниот шепот ти замрзна в усни,
- ти гореа очи под веѓите густи!
- Со нивниот пламен и со клетва света,
- на заседа тргнав сред мојата чета.
- А утринта кога зрив чела ни спраши
- ти не беше веќе в редовите наши,
- но скипеа борци со одмазда жолчна,
- и видов! о видов - кога бојот почна
- развихреа сите со твојата сила -
- ко елени брзи и лесни ко птица.
- А твоите очи се искреа гневно
- во нивните потни, распалени лица...
- Три дена на раце те носевме збрана,
- со тага и болка во погледот срчен,
- и секоја капка од твојата рана
- ко крвава жар ни капеше в срце.