3 глава Неемија
4 глава
од н.п.
5 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Кога Санавалат чу дека го градиме ѕидот, се налути. Беше многу гневен, ги исмејуваше Евреите,
  2 и викаше пред своите браќа и пред самариската војска: „Што преземаат овие бедни Евреи? Имаат ли намера можеби да поправат, да жртвуваат и да свршат сè во еден ден? Зар од купот прав ќе го извикаат во живот изгореното камење?”
  3 Амонецот Товиј, кој беше покрај него, рече: „Само нека градат! Но ако се искачи лисица, ќе им ги разурне камените ѕидови”
  4 „Чуј, о Боже наш, како нè презираат! Сврти ги нивните хули на нивната глава. Предај ги како плен во земјата на ропството.
  5 Не ги покривај нивните беззаконија, и нивниот грев нека не биде избришан пред Твоето лице, зашто им се потсмеваа на градителите.”
  6 Така го градевме ѕидот, кој наскоро беше завршен до половина височина. Народот имаше воодушевување за работата.
  7 Кога Санавалат, Товиј, Арабјаните, Амонците и Азотците чуја дека напредува поправањето на ерусалимските ѕидови - зашто почнаа да се затвораат распукнатините - многу се разгневија.
  8 Сите заедно се заколнаа дека ќе го нападнат Ерусалим и дека ќе ни пречат.
  9 Ние тогаш го повикавме нашиот Бог и поставувавме дневна и ноќна стража, за да го заштитиме градот.
10 Но Јудејците зборуваа: „Силите на носачите им се намалија, а урнатините се многу: не ќе стигнеме никогаш да го изградиме ѕидот!”
11 А нашите непријатели рекоа: „Ќе се вовлечеме меѓу нив, пред да дознаат и да нè забележат: тогаш ќе ги погубиме и така ќе го осуетиме потфатот!”
12 А кога ќе дојдеа Јудејците, кои живеат покрај нив, по десетпати нè опоменуваа: „Идат против вас да ве нападнат од сите места во кои престојуваат!”
13 Се поставивме во низините, зад ѕидот и на голинките; го распоредив народот по родови, со мечеви, копја и лакови.
14 Кога видов како се плашат, станав и им го јавив на големците, на првенците и на другиот народ ова: „Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен, и борете се за своите браќа, за синовите и за своите ќерки, за своите жени и за своите куќи!”
15 Кога нашите непријатели научија дека сме известени и дека Бог ги осуети нивните замисли, можевме да се вратиме кон ѕидот, секој на својата работа.
16 Но од тој ден само половина од моите момчиња ја вршеа работата, а другите држеа копја, штитови, лакови и оклопи, а главатарите стоеја зад Јудиниот Дом,
17 кои го градеа ѕидот. И носачите на товарот држеа оружје: со едната рака секој ја вршеше својата работа, а оружјето му беше во другата.
18 Секој од градителите додека работеше, носеше меч припашан на половината. Трубачот стоеше покрај мене.
19 Им реков на благородниците, на првенците и на другиот народ: „Работата е голема и обемна, а ние сме распрснати по ѕидот, далеку едни од други:
20 соберете се околу нас на местото каде ќе го чуете гласот на трубата, а нашиот Бог ќе се бори за нас”.
21 Така ја вршевме работата од рани зори до првите ѕвезди. Половината беше вооружена со копја.
22 Во тоа време уште му реков на народот: „Секој, со својот слуга, нека ноќева во Ерусалим: по ред ќе стражариме ноќе, а ќе работиме дење”.
23 Ни јас, ни моите браќа, ни моите момчиња, ни стражарите, кои ме придружуваа, не ги соблекувавме своите облеки, секој го држеше при рака своето оружје.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse