12 глава Неемија
13 глава
од н.п.
нема
врати се кон Стариот Завет
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Во она време му се читаше на народот Мојсеевиот свиток, и таму се најде запишано дека Амонец и Моавец не смеат никогаш да влезат во Божјиот собор,
  2 зашто не им излегоа во пресрет на Израелевите синови со леб и вода, туку и го најмија против нив Валаама, за да ги проколне, но нашиот Бог ја обрна клетвата на благослов.
  3 Кога го чуја Законот, ги исклучија сите странци од Израел.
  4 А пред тоа свештеникот Елијасив, поставен над собите на нашиот Бог, му беше - на својот роднина Товиј -
  5 средил пространа соба каде беа оставени порано приносите, темјанот, посатките, десетокот од житото, виното и маслото, одредени за левитите, пејачите и вратарите и придонесите за свештениците.
  6 Во тоа време не бев во Ерусалим, зашто во триесет и втората година на вавилонскиот цар Артаксеркс отидов кај царот; но по некое време измолив од царот
  7 за да можам да се вратам во Ерусалим. Тогаш научив за злото дело што го направил Елијасив, одредувајќи му соба на Товиј во дворовите на Божјиот Дом.
  8 Тоа ме расрди многу; го исфрлив од собата сиот намештај на Товииниот стан,
  9 и наредив да ги исчистат собите, потоа ги внесов онаму посатките на Божјиот Дом, доприносите и темјанот.
10 Го научив и тоа дека левитите не ги даваа своите делови и дека и левитите и пејачите, одредени за служба, се разбегаа секој во своето поле.
11 И ги укорив старешините и реков: „Зошто е запустен Божјиот Дом?” Потоа ги собрав левитите и пејачите и ги вратив на нивните служби.
12 Тогаш сета Јудеја донесуваше во собиралиштата десеток од житото, виното и маслото.
13 Над складовите ги поставив свештеникот Селемиј, книжевникот Садок и левитот Федај, а покрај нив Анан, синот Захуров, син Матаниев. Нив ги сметаа за верни; нивната должност беше да им делат на своите браќа.
14 Затоа, Боже мој, спомни си за мене: не презирајги моите побожни дела, кои ги направив за Домот на својот Бог и за службата во него.
15 Во она време видов во Јудеја луѓе, кои газеа во каци во саботен ден; други носеа снопови жито, товареа на ослици вино, грозје, смокви и секакви товари, за да ги внесат во саботен ден во Ерусалим. И ги укорив луѓето зашто продаваат храна во тој ден.
16 А Тирците, кои живееја во Ерусалим, донесуваа онаму риби и секакви стоки за да им ги продаваат на Евреите во сабота.
17 Ги укорив јудејските големци и им реков: „Какво зло дело правите и го осквернувате саботниот ден?
18 Не правеа ли така и вашите татковци, та Бог ја доведе сета оваа несреќа на нас и на нашиот град? А зар вие сакате да го умножите гневот против Израел обесветувајќи ја саботата?”
19 И уште заповедав спроти сабота, кога мракот ќе се спушти врз ерусалимските врати да ги затворат нивните крила, и реков да не ги отвораат додека не помине саботата! Поставив неколку свои момоци при вратата, за да не се внесува никаков товар во саботен ден.
20 Еднаш или двапати трговците и продавачите на разновидни стоки поминаа ноќ вон Ерусалим,
21 но ги предупредив и им реков: „Зошто ја поминувате ноќта под ѕидот? Ако го повторите тоа, ќе подигнам рака против вас!” Од тоа време веќе не доаѓаа во сабота.
22 Им заповедав на левитите да се очистат и да дојдат да ја чуваат вратата, за да би се празнувал саботниот ден. Спомни си за мене и за ова, Боже мој, и смилувај ми се според Својата голема милост!
23 Во оние денови видов и Евреи, кои се беа ожениле со Азотки, Амонки и Моавки.
24 Половината нивни синови зборуваше азотски или на јазикот на овој или оној народ: веќе не знаеја да зборуваат еврејски.
25 Ги корев и ги проколнував, некои и ги биев, им ги корнев косите и ги заколнував во Бога: „Не давајте ги своите ќерки за нивните синови, и не земајте жени од нивните ќерки за своите синови, а ни за себе!
26 Не згреши ли во тоа Соломон, Израелевиот цар? Меѓу многу народи немаше цар рамен на него. Му беше мил на Бога, и Господ го постави цар над сиот Израел. Но туќинките го наведоа и него на грев!
27 Треба ли да се слуша како и вие што правите големо зло и Му станувате неверни на нашиот Бог, женејќи се со туѓинки?”
28 Еден од синовите на Јодад, синот на велесвештеникот Елијасив му беше зет на Оронецот Санавалат. Него го избркав од кај себе.
29 Спомни си, Боже мој, за овие луѓе, зашто ги осквернија свештенството и свештеничкиот и левитскиот завет.
30 Така ги исчистив од сè туѓо и пак ја воспоставив службата на свештениците и левитите, доделувајќи му ја секому неговата служба.
31 Уредив да се носат и дрва во одредени денови, и првините. Спомни си за мене, Боже мој, за мое добро!

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse