Небиднина/ Долго живеам на ова место

„Долго живеам на ова место“

од Ацо Шопов


Долго живеам на ова место
под кое шуркаат планински извори
и децата ловат пеперуги
а боровите во нема извишеност
ја разлистуваат тишината на вековите.
Долго живеам на ова место
и полека црнеам од времето.
Гледај,велам,гледај каков си:
ни да се препознаеш.
Некогаш овие очи беа длабочини
во кои нуркаа твоите желби
како жерави во сончевина,
за ноќевање на случајните дождови.
Некогаш овие раце беа орачи
во ровката земја на твоите лутања,
а сега личат на врбови прачки
народници чаталести над водите.
Некогаш, велам, и ти како децата
си играше со пеперуги в рака
од нивниот златен прав
цутеа вишните во твојата градина.
Зошто беше толку невнимателен
па дозволи сите да загинат меѓу твоите прсти,
зошто не сфати дека е најголема мудрост
да имаш една жива пеперуга од твоето детство.
Една топла ѕвезда на дланката
што ќе го просветли ова место
ова место каде долго живееш осамен
долго живееш поцрнет од времето.

Поврзано

уреди