Небиднина/ Десетта молитва на моето тело
„Десетта молитва на моето тело“ од Ацо Шопов |
- Еве го тоа место, таа заробена убавина,
- таа чудесна смрт од сино и бело,
- од сино и бело во очите на ветрот,
- еве го тој непрокопсаник,тоа тело.
- Еве го тоа место, таа свенлива убавина,
- пред сите сегашности и пред сите дамнини,
- пред твоето исконско темно неспокојство-
- тие неизодливи нерамнини.
- Ти стоиш овде немо и притаено
- над овој стивнат и непознат вител.
- Биди му пролет жуберлива и лековита
- ако би му била повелник и жител.
- И без да прашаш со древна љубопитност
- дали е верен пленик на вистините,
- влези тивко и незабележано,
- влези со мудроста на годините.