Небиднина/ Втора молитва на моето тело
„Втора молитва на моето тело“ од Ацо Шопов |
- Ова тело што лежи како мост меѓу два брега,
- ова тело што живее од мугрите на твоите желби,
- ќе биде и утре какво што е сега,
- само со два белега повеќе од две лути стрелби,
- ова тело што лежи како мост меѓу два брега.
- Ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека
- да помине веселник некој и да го пробуди пак...
- Протечи под ова тело како скротена река
- да заечи силно од нежност со секој извиен лак
- ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека.
- Ова тело што лежи како мост некој бран да го плени
- за да го улови во него својот заборавен лик
- ќе стане со сите будења и мени
- на нестварни желби стварен светилник,
- ова тело што лежи како мост некој бран да го плени.