На младини умре, но само со телото;
Со духот ти вечно ќе ни живееш.
Доблесно се бореше со зборот, со делото,
И ти заслужуваш да бидеш воспеан!...
Твоите заслуги, човеку светол,
Нема да бидат неприпознаени;
Народот вечно пее и плаче
За борците знаени и незнаени!
Проклета, Трајче, судбината да е
Што ми те прати рано во гробот;
Душата што ти ја сотре, да чмае,
Што ми те оддели рано од робот!
Таа ти смири бујно срце,
Таа ти затвори медовна уста;
Таа ти постави скрстени раце
Да гниеш в земја црна и пуста!
Твојата загуба, Трајче, е тешка,
Борците никогаш не ќе се смират;
Но, твојот спомен ќе им се мрешка
Како знак - в борби да не запираат!
Ти млад ни умре, бессребренику,
Но, вечно духот твој нас ќе нѐ крева;
За тебе робот наш мил ќе плаче,
Тебе поетите ќе те воспеваат!
И нека твојата свештена памет
Борците наши ги води в бој -
Сите, за правдата бесцена, света,
Животот ќе го дадеме свој!