„Фабрика“ „Спомен“

од Никола Јонков Вапцаров
„Романтика“
Песната е издадена во 1940.

Другар си имав,
другар добар,
кутриот, кашлаше лошо!
Огњар, во огнот што тура
јаглен, преполнети кошој,
потем исфрлаше жгура
капнат, без моќ,
дванаесет саати в ноќ.

Ги помнам очите
негови јас.
Колку жадуваа тие за зраците
коишто случајно,
преку капаците,
напати сосем без ред
влагаа в нашиот клед.

Колку понабргу
жед ќе се родеше
напролет,
кога в дворовите
лисјата шумат
кога в просторите
птичјите јата палавеат.

Чувствував јас
како неговите зеници молат
и како страдаат
и колку тешко страдаат.
Сакаа малку, сал малку да им дадат —
до пролет,
до другата пролет...

Таа — другата пролет
дојде сета красна:
со сонце,
со повеј благ
од рози.
Оддалеку
темјанужен дах
носеше небото јасно.
Внатре, пак, беше мрак
и мошне тешка беше
легнала проза.

Така,
животот кај нас се збрка. —
В моторот нешто се случи.
Почна сомнително да 'рка,
запра да бучи.
Јас не знам зошто,
можеби оти
другиот смртта го скроти!
Можеби не е така,
можеби в својата глад
моторот чекаше рака
да фрли в огнениот ад
на време јаглени пласт.
Можеби.
Не знам јас.
Но, ми се чини, тој
низ засипнатиот звук
праша со болникав вој:
„Каде е момчекот друг?“

Тој — другиот — е мртов.
И ете —
надвор е пролет,
сегде цвеќе.
Палавеат по сводот птици.
Тој нема да ги види веќе.
Ех, каков другар беше...
другарот мој...
Кутриот... кашлаше лошо.
Огњарот, кој
носеше јаглен во кошот,
жгура исфрлаше, капнат, без моќ,
дванаесет саати в ноќ.


Поврзано

уреди


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.