Моторни песни/ Песна за човекот

„Писмо“ „Песна за човекот“

од Никола Јонков Вапцаров
„Татковина“
Песната е издадена во 1940.


Во спор сме ние двајца со дама на тема:
„За човекот в новото време“.
А дамата, напната, знаете -
тропа разлутено, дуро проплакува.
Ме залива в потоци кал и мрморење,
ко град од зборој да атакува.

- Почекајте, - велам - почекајте, нека...-
Но, таа, пак, лута, ме кори:
- Го мразам јас човекот! Подзапри, чекај!
Зар за него да се бориш?

Читав како некој ја грабнал секирата,
та, брата си, човек, изнасекол бесно.
Се измил, и - в црква, да побара мира,
и... потем му станало лесно.

- Се наежив сиот. И тешко ми стана.
Но, куц сум јас малку в теорија,
и реков по човечки, без злоба: ќе фанам
да пробам со таа историја. -

Се случило тоа во селото Могола.
Скрил таткото некои пари.
Ги надушил синот, му ги одзел насила,
нож потем во гробот му зарил.

По месец а може по седмица само,
го открила власта и... суд!
Туку на судот не галат по рамо;
на судот го судат на смрт.
Го однеле тогаш злосторникот клетник,
во затвор тој затворен бил.
Туку во затворот луѓе тој сретнал
и - човек се престорил.

Јас не знам со каков ли квасец е квасен,
јас не знам од што ли е месен?
Но, својата судба, божем в книга, јасно
ја сретнал во некоја песна.

У расправал потоа: „Бре, што ли ме смати
да стасам до под бесилото?
Леб достатен немаш, се пореваш, патиш
и газиш по грешка врз гнило.
И смирено чекаш ко добиче клето,
се вртиш, а в очите - нож е.
Ех, лошо, ех лошо е создаден светот,
а може поинаку, може...“

Ја почнувал тогаш
тој својата песна,
ја пеел со кроце, со тага.
Животот пред него пливнувал в чудеснина
и заспивал в насмевка блага...

Но низ ходниците разговор напнат.
А потем спокој возбудлив.
Некој пополека отворил врата -
Луѓе. У стражар зад нив.

Некој од групата
плахо и глуво
му рекол: „Станувај, ти.“
Гледале луѓето тапо и суво
во ѕидот влажен, сив.

Оној во креветот одеднаш сфатил:
му сврши животот,
и в миг
срипал, за челото потно се фатил
и здивено гледал, ко бик.

Туку пополека, тој чунки се сетил -
страв попусто таи, ќе зајде.
И некако в душа му станало светло.
- Да тргаме? - рекол. - Ајде!

Тој тргнал. По него наредени тие. -
Се чувствува некаков лад.
И војникот рекол: „Да свршиме ние...
Си загазил премногу, брат.“
Низ меѓувратјето тивко се збори.
А по ќошињата - мрак.
Па, слегле потоа во дворот а горе
блеснал утрински зрак.

Ја погледнал човекот зората в која
бликотела ѕвезда во блескотот мек
и мислел за својот жален и кален, жолчен и безочен век.

„Со мене е јасно... Обесен ќе висам.
Но, белки со тоа на злото е крај?
Животот ко песна напролет ќе плисне,
ќе блешти ко пролетен сјај...“

Си спомнал за песна и нешто се сетил.
Во очи му расцветал плам.
Се насмевнал топло и ширно и светло,
се свртел и запеал сам.

Што мислите, можеби тука се крие
хистерија обична, проста!
Мислете си така, пријателко - вие
верувајте, грешите доста!

Тој спокојнло пеел; збор по збор - и така
тој песната своја ја талкал.
Го гледале оние чиниш преплашено,
го гледале безумно, вџашено!
И затворот дури се згрчил од трепет.
И мракот се преплашил здраво.
Насмевнато ѕвездите горе си трепкале
и викале: „Човеку, браво!“

Потоа е јасно. В миг јамката чиниш
го зграпчила вратот. И - мрак!
Во искривените
усни сини
никнала песна пак.

И така ќе почне разврската, значи.
Што мислиш, читателу, ти?
Сиротата дама, почнува да плаче
и сета во транс пушта крик:
„О, ужас! О, ужас! Вистинито не е
сведоштвото ваше - како што се вели!“
Та, каков ли ужас?!? Човекот си пеел. -
А тоа е прекрасно, нели?


Поврзано

уреди


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.