Молба на охридското граѓанство за обнова на Охридската Архиепископија – 1890 г.

Молба на охридското граѓанство за обнова на Охридската Архиепископија

од група граѓани
1890 г.
До Неговата Светост Великиот Патријарх во Цариград,

Ние верните поданици на Неговото Величество царот Султан Абдул Хамид од долго време немаме црковна слобода, а од 1872 година станавме уште повеќе заблудено стадо, зашто дојдовме под Бугарска егзархија, заблудени од бугарската пропаганда. Така и ние станавме шизматици.

Ние, Словените од Македонија, од секогаш сме имале своја црква, Охридска архиепископија, која имаше седиште во нашиот град. Денес ние би сакале одново да си ја вратиме и така живееме во слога со Великата црква.

Бидејќи нам ни е потребно Вашето свето благоволение по однос на нашата словенска црква во Македонија, поради тоа Ве молиме, макар и да сме измамени од страна на Бугарите, да ни простите, бидејќи сте благ Христов служител и да ни ја обновите нашата црква.

Покрај тоа што Бугарите не измамија и излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи и ја менуваат и сета наша лика и прилика. Ние тоа не можеме повеќе да трпиме и не сакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите предеди.

Сега ние се одделивме од Бугарите и сами сочинуваме словенски општини во Македонија, и сочинуваме самостоен народ. Како такви, ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта. Ние си најдовме и наши учители, кои ги плаќаме и издржуваме.

Како такви, ние Ве молиме, Ваша Светост, да бидете наш толкувач и пред Отоманската порта, да ни издејствувате како на Словени-православни секаква наклоност, како и дозвола за обнова на Охридската архиепископија, дозвола за наши училишта во кои нашите деца ќе учат на својот мајчин јазик и ќе се воспитуваат во духот на својата православна вера и црква.


Ви ја целиваме Вашата св. Десница.

Ваши духовни чеда.

(Следуваат 120 потписи на охриѓани.)

ДА ДСИП Београд ППО, Ф. 7, д. 6, п.бр. 962, 1890.