Моето мислење за Македонците
Моето мислење за Македонците од Александар Фјодорович Риттих |
Писмо од познатиот генерал, славист, етнолог, автор на капиталните трудови: "Славянский Мир", "Славянские наречия XX века", и други трудови - А. Ф. Риттих до издавачот на "Македонски Глас", објавено во истиот весник 1914 година во Санкт Петербург |
Милостиви Господине,
Димитриј Димитриевич,
Бидејќи го добивам "Македонски Глас", и читајќи го со големо внимание, јас сметам за потребно да Ви го изразам своето сочувство, и солидарност по прашањето на автономијата на оваа храбра земја, која одамна ме интересира. На 3 декември 1901 година јас имав прилика да им одржам предавање за словенството на господата офицери, во Офицерското друштво од армијата и флотата. Како последица од ова предавање публикував и еден помал труд: "Славянские наречия XX века в юго-западной Европе", со приложена мала карта. Таму се зборува за географска Македонија и за нејзиното население – православните Словено-Македонци, - како за самостојно племе, кое има свој јазик.
Мојата теорија за Македонците е ваква: тие, во почетокот на нашата ера, како природни Словени од времето на Скитија и Сарматија, први ја напуштиле сегашната западна Русија, веројатно во времето на готското навлегување и, се разбира, порано, т.е. пред доаѓањето на Балканот, во VII век, на Србите и Бугарите. Овие први словенски доселеници, преселувајќи се, од Русија на Балканскиот Полуостров во Мизија, спуштајќи се се’ повеќе на југ, дојдоа и се населија покрај реките Велика, Места, Бистрица кон Охрид и Преспа, и ја основаа својата Склавинија, со нејзиниот древен град Терми (Солун) на Егејско Море и во близината на Дивото поле. Сите овие природни граници потсетуваат на сегашна Русија, а словенскиот говор, кон југ од Родопските планини, останал првобитен и не станал ни српски, ни турско-бугарски. За време на цар Симеон Бугарски, оваа Склавинија (Берзитија), била навистина од него покорена, но оваа зависност траела кратко време, а тоа не значи дека Македонија станала Бугарија. Во македонското население нема ни капка монголска крв, каква што кај Словените од Мизија, во сегашна Бугарија има повеќе одошто е потребно. Ова се потврдува од името на народот и делумно од неговиот тип, кој потсетува на нашите историски Половци, Печенеги, Јазиги, Авари, и нивните сродници Бугарите...
Кон изложеното е потребно да се додаде дека, поради крајно непристојната, за словенството, политика на сегашна Бугарија, со нејзиниот германски цар Фердинанд, доделувањето на цела Македонија на Бугарите, би било престапно и неразумно. И без тоа, владеењето на делови од Македонија, од страна на Грците, Србите и Бугарите е мошне чудовишно и бара исправка, т.е. одземање на овие земји со нивното несреќно население од недостојните раце на лицемерите Бугари, од непријателите на словенството – Грците и неразумните во своето владеење – Србите.
Македонија, според нашите разбирања, треба да биде целосна, неразделна, автономна, претставувајќи од себе суверено кнежество, кое не треба да влегува во составот на која и да било друга држава, а особено не во составот на Бугарија, со која управуваат такви личности, како што се Германецот Фердинанд и Радославов, кој се откажа од словенството.
А. Ф. Риттих
Види исто
уредиКои се Македонците? - Генадиј Георгиев
Извор
уреди- “Кои се Македонците“ и “Моето мислење за Македонците“ - Статии на славистите Генадиј Георгиев и Александар Риттих, објавени во весник “Македонски Глас“, Санкт Петербург во 1914 годинаа.