Македонски народни песни/ Болен лежи млад Стојан
- Болен лежи млад Стојан,
- Болен лежи и ќе умре.
- Над главата му, младата невеста,
- С' машко дете на раце,
- Солзи рони, солзите и’ капат,
- По Стојановото лице.
- Стојан се подразбуди
- И тивко и’ говори:
- "Ој Невено, ти млада невесто,
- Што ми лади лицево?
- Дали ситна роса подросува
- Или силни дождови?"
- А Невена му вели:
- "Стојане бре стопане,
- Нити ситна роса подросува,
- Нити силни дождови-
- Мојве солзи по лице ти капат,
- Од селански неправди.
- Синоќа крај чешмата,
- Селани се збраја,
- Збор збореја, кога ти ќе умреш,
- Дете да ми задават,
- Мене млада, далеку однесат,
- За пари ме продадат."
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво. |