Крсте Петков Мисирков/ Борба за автономија

Неколку статии

од Крсте Петков Мисирков
„Македонскиј голос, (Македонски глас)”, II, II 29.11.1914,205-207.
Борбата за автономија

На 20 јули 1903 година[1], на Илинден, во Македонија започна големото востание против Турците. Востанието го зафати целиот Битолски вилает и знатен дел од Скопскиот и Солунскиот, а исто така и Одринскиот вилает. Востанието беше организирано од „Внатрешната македонска организација” и се изведе независно од настроението и желбите на „Централниот македонски комитет”[2] во Софија што го раководеше бугарскиот генерал во оставка Цончев.

Познато е дека последниов се наоѓаше во голема близост до бугарската влада и дека добиваше директиви од неа. Помеѓу „Внатрешната македонска организација” и „Централниот македонски комитет” постојано имаше антагонизам што доведуваше до тоа што кога едната организација почнуваше да дејствува - другата бездејствуваше, како што беше, на пример, во 1902 година, кога „Централниот македонски комитет” крена востание во Источна Македонија, а „Внатрешната организација” се откажа да го поддржи.[3] Соперништвото помеѓу Централниот комитет и Внатрешната организација се изразуваше исто така и во заемното непријателство помеѓу четите на Комитетот и Организацијата што доведуваше и до вооружени судари.

Авторот на овие редови, како човек што стоеше близу до македонските организации и кој во времето на Македонското востание од 1903 година се наоѓаше во центарот на Востанието, во градот Битола, сигурно знае дека тоа востание беше кренато од „Внатрешната македонска организација”, и покрај предупредувањата од Бугарската егзархија и недоволството на тогашната влада на Бугарија. Руската влада, преку своите конзули во Македонија, исто така ги предупредуваше Македонците, меѓутоа, советите и предупредувањата не можеа да го запрат стихијниот порив и народот и неговите водачи го дигнаа знамето на Востанието, кое го прослави патриотизмот и хероизмот на Македонците и доведе до Мирцштегските реформи и потоа до Ревелската средба.[4]

Јулското или, како што го викаат Македонците востанието од 1903 година, „Илинденското” востание ги имаше за своја последица не само македонските реформи; тоа помогна за воведувањето устав во Турција, која преку симнувањето на Абдул-Хамида се надеваше дека ќе се избави од замешувањето на Европа во нејзините работи. Сите поважни настани во внатрешната политика на Турција од последната деценија пред Балканските војни се во тесна врска со ова востание, со македонските востанички движења и со македонското прашање воопшто.

Ако се земе предвид дека 1903 година стои токму на средината помеѓу почетокот на македонското четничко движење и неговиот крај, предизвикан со сојузничката војна против Турција за ослободување на Македонија, во која зедоа најдејно учество самите Македонци, тогаш излегува дека Македонците во текот на цели две децении водеа рицарска постојана и непрекината тешка борба против силната Турција за ослободување на својата татковина од турското ропство. И борбава не беше бесполезна. Постепено таа водеше кон решение на македонското прашање во интерес на самите Македонци: Мирцштегската програма, Финансиската контрола над македонските вилаети, Ревелските реформи и др.

Кога се појавија бугарско-српскиот, бугарско-црногорскиот и бугарско-грчкиот сојуз и започна Првата балканска војна, нашето одушевување беше бескрајно. Македонците од сите страни на светот побрзаа да земат учество во војната против вековниот непријател. Тие се бореа храбро и им укажаа суштествени услуги на сојузничките армии.

Но... скоро стана јасно дека нашата татковина ќе биде раздробена и поробена од сојузниците. Ослободителната војна скоро се претвори во завојувачка војна и наместо ослободување од ропството, Македонија беше раздробена и потпадна под ново, полошо, трајно ропство на Србите, Грците и Бугарите.

Никој не ни загатна за автономијата на Македонија; спореа само за делбата. На таа почва се судрија и разделбата дојде не врз основа на предварителниот договор, ами врз основа на тупаничното право.

Тоа право остана да господари во Македонија и до ден-денеска.

Тупаничното право на бившите сојузници напомнува на првите децении од турското владеење на Балканскиот Полуостров, кога победниците Турци го избиваа машкото население, ги одведуваа и ги бесчестеа жените, ги одземаа црквите и манастирите, ги избиваа свештениците, монасите, учителите, ги уништуваа книгите и другите предмети на христијанската култура. Ова е полошо од турскиот режим во XIV век, зашто Турците не ги тераа од ред сите христијани да си ја променат верата и народноста, како што прават сега дивјаците од XX век во Македонија. На Македонците им ги зедоа црквите, манастирите и училиштата и се грижат да ја уништат целата самобитна култура на населението, се до симињањето од ѕидиштата на ликовите на светите Кирил и Методија, на св. Климент Охридски; портретите на македонските борци за слобода - војводи и четници, ги кинат на парчиња, ги газат со нозе свирепите победници; ги изменуваат имињата и презимињата на Македонците, а да не зборуваме веќе за грабежите, убиствата и насилствата што не отстапуваа по ништо од таквите турски подвизи, кои се воспеани во нивниот национален епос за Крале Марко.

Според тоа, 20-годишната борба на Македонците за слобода заврши со тоа што ние се избавивме од Турција од XX век за да се вратиме во турскиот поредок од XIV век. Во Македонија се реставрирани времињата на султаните Урхан, Мурат и Бајазит, само со таа разлика што варварите од XX век се неспоредливо покрвожедни отколку варварите од XIV век.

Меѓутоа, се поставува прашањето: што ќе стане понатаму? Одговорот може да биде само еден: ќе стане тоа што се повторувало не еднаш во историјата. Македонија го издржа 500-годишното турско ропство и Турција мораше да ја напушти Македонија, не успевајќи да си го зачува за себе заграбениот крај. Во нашиов век е потешко да се задржи со сила заграбеното против правото и справедливоста.

Никакви српско-грчки, ни српско-грчко-романски, ниту бугарско-турски сојузи нема да го затврдат поробувањето на нашата таткобина.

Македонија ќе биде самостојна и обединета земја. За тоа гарантираме ние, Македонците. Нас лошо не знаеја и лошо не знаат, но ние ќе се добереме до триумфот на нашето справедливо дело, до толку повеќе што тоа не е во спротивност со ничии интереси и наполно одговара на ослободителните задачи на Русија, Англија и Франција.

Ние ги молиме балканските држави само да не ни пречат да ја добиеме независноста и да ни укажат такво гостопримство и поддршка, какво што им укажуваше Русија на Бугарите, на Србите и на Грците до нивното ослободување, а исто така со сите мерки да ја поддржат идејата за автономна Македонија.

Сега македонското прашање се решава несомнено полесно отколку до последните балкански војни.

Ние ги полагаме нашите надежи на големите држави; тие можат без пролевање крв да ја создадат автономијата на Македонија, која во однос на културата стои многу повисоко, отколку околните држави пред сто години, кога тие ја добија својата независност.

Автономијата на Македонија ќе биде најдоброто разрешување на македонското прашање, како за самите Македонци, така и за Србија и за Грција и за Бугарија и за европскиот мир.

К. Пелски: Борба за автономија, „Македонскиј голос, (Македонски глас)”, II, II 29.11.1914,205-207.

Забелешки

  1. Тоа е по стариот стил (по новиот е на 2 август 1903).
  2. И овде се има предвид Врховниот македонски комитет во Софија.
  3. Се однесува за Горноџумајското востание што беше изведено од ВМОК и против ставот на ТМОРО.
  4. Мирцштегската програма за реформи во Македонија беше изработена непосредно по Илинденското востание во 1903 год., а средбата на суверените на Русија и на Англија во градот Ревел (сегашен Талин) во 1908 год. со спогодбата за воведување полна автономија во Македонија ја предизвика Младотурската револуција за да се зачува целоста на Турција.

Поврзано


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.