Крушевски манифест
Браќа земљаци и мили комшии!
Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и от неговите китни села без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас, да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустина, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои.
Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирниот, трудољубивиот и чесниот турски нарот шчо се прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имотот, животот, верата и честа, ние сне зеле пушка.
Ние не сне муртати на сфојата земја шчо не родила, ние не сне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството; ние се бориме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџиите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатираат нашиот труд. От нас, и от нашите села да не се плашите - никому зијан не ќе сториме.
Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жалиме како сфои браќа, бидејќи разбираме, оти и вие сте робје како нас, робје на царот, и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!
Елате, браќа мусљумани, при нас да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајракот на „Афтономна Македонија”! Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи! Елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живејат мирно, да си работат спокојно и да напредуат!...
Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и мусљумани, разбираме, вие се си мислите, оти царстфото јет ваше и оти вие не сте робје, шчо на царскио бајрак немат крст, а имат ѕвезда и месечина. Оти не јет така и оти грешите, вие брго ќе се сетите и ќа го разберите. Ама ако ви јет намуз да дојдите при нас и да се објавите протиф царската тиранија, ние, вашите по таткојна и по страданија браќа, немат да се докачиме и не ќе ве мразиме. Ние сами ќе се бориме и за нас и за вас, ако јет потребно, до еден ќе умриме пот бајракот за нашата и вашата слобода и за нашето и ваше право. „Слобода или смрт” јет писано на нашите чела и на нашиот крваф бајрак. Ние веќе го дигнафне тој бајрак и немат враќање. Ако и вие нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале до сега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо - а тоа јет голема помошт: да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!
Нека Господ Бог да благослојт светата борба за правото и слободата!
Нека сет живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синој!
Ура! За „Афтономна Македонија”!
Извор
- „Крушевски манифест“, Крушево, 2003, 5-7 стр.