Коста Солев Рацин/ Смртта на аустрискиот рудар

„Смртта на аустрискиот рудар“

од Коста Солев Рацин
Песната е обајвена на српскохрватски под прекарот Невен Пејко во 1937(Neven Pejko „Smrt asturijskog rudara“). Препевот е на Гане Тодоровски.

Во мочуриштата подземни, преку сиот живот, ме разјадуваа плинови и темнина.
Ме давеа тешки, безизлезни денови во јаремот на наемното ропство.
Свежа пупка од баскиските гори — станав жолт, избин цвет
И во окната мемливи, влажни и мрачни ми изгнија градите.
И крв ми бликна со саѓосаната плуканица и лигаво ми течеше од устата.
Крв — топла, румена, бакцили од ТБЦ —
Гнојно расточена крв
Румено бледа, со изгниени парчиња од белите дробови
Ги натопи мокрите коридори на лагуните
И црвено ги обои стапалките.
Произведуваше црно, крваво злато!
Црно крваво злато од гнојно расточената крв и пот!
Црно крваво злато за моите бели стопани
Витезите од Ла Манча и прекрасната земја Шпанија!
А длабоко, длабоко во мене се слеваше тешката легура на омразата,
Пенливо зовриваше и во крвавата пареа лулееше сон —
Денешното јаве — дамнешниот татон на подземните, загушливи мочуришта...
Во сочното утро на баскиските гори се точи модрината на небото.
Но пламнеат горите, крвавеат горите, крваво утро се родило.
Крвава шепа го крвавее небото, ги крвавее вршките на горите
И гори топла човечка крв во чад од барут и плин.
И трепери влажната, крвава земја во страста на канонадата.

Пукот и трескот. Шрапнели. Гранати. Шрапнели.
Груваат картечници. Цивкаат пушки.
Бој. Решителен бој!
Таму — Фашизмот.
Овде — Слободата.
Слободата!

Туку погледај! — јас паднав!
Гнасниот куршум на платениот убиец ми ги дупна наранетите гради
Тече топла шурка од устата и се чади темјан од крв во локвите.
Гнојно расточена, таа сега ја натопува влажната, разриена земја
И чудно! — мене ми е толку прекрасно, и блажен сум многу, многу...
Та навистина — јас паднав!
Ќе умрам овде во локвите на својата румено бледа крв.
Но чудно! — во претсмртен час ќе споулавам од некоја среќа.
Паднав — но не затрупан од карпи и загушен од метан!
Паднав — туку не од глад, валкајќи се немоќно како црв!
Паднав — но од сон го штрекнав сиот свет —
Милиони сега со ѕемнење го наслушуваат умирачкиот тропот на моето срце
Милиони сега трепетно го подзапираат здивот и креваат тупаница —
Слобода! На фашизмот смрт! Слобода!

Паднав — но паднав за Слободата!


Поврзано


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.