Коста Солев Рацин/ Селското движење на богомилите во Средниот век
„Селското движење на богомилите во Средниот век“ од Коста Солев Рацин |
На нашите широки народни слоеви речиси и непознато им е големото средновековно народно движење на богомилите. Многумина и не претчувствуваат дека нивните одамнешни предедовци учествувале во тоа движење, станувајќи во одбрана на демократските преданија на својата старословенска задруга, против новите, словенски феудални и црковни властелини. Но уште е помал бројот на оние што знаат дека лулката на тоа движење му била меѓу Словените што живееле во Повардарјето, и дека од првата богомилска општина, меѓу племето Драговити, „како зраци од светлина потекнало богомилското учење низ целиот свет", како што го вели тоа големиот хрватски научник Фрањо Рачки.
Кои биле тие наши храбри предеди, што во глувата доба на европскиот среден век ја запалиле таа „светлина", и што барале тие? Богомили се викале следбениците на поп Богомил, којшто живеел во втората половина од десеттиот век. Поп Богомил го основал и го организирал тоа народно движење, што потоа од Вардарските Словени било пренесено и меѓу други народи. Движењето било на верска основа, зашто во средниот век верата го вклучувала во себе целокупното тогашно знаење не само за душата, туку и за начинот на општествениот живот. Словенските племиња што се доселиле на Балканот живееле и понатаму по начинот на животот од старата постојбина, во свои племенски задруги, со нивното својствено демократско устројство. Но во новата средина, опкружени од народи со инакво општествено устројство, и кај нив наскоро се јавиле промени во начинот на животот. Одделни племенски главатари почнале отпрвин да склучуваат меѓусебни сојузи за одбрана од помоќните соседи. Потоа повештиот и поснаодливиот меѓу нив успевал да ги потчини другите и нивните племиња и да тури темели на сојузна федерална државица, во која општествените односи сè повеќе се изделувале, и задружната земја постепено преоѓала во приватен посед на феудалните господари. Овој општествен пресврт кај Словените особено го потпомагала моќната соседна Византија, којашто на новите словенски феудалци им давала образец на феудално устројство на општеството, како и на сето нивно сфаќање на светот, животот и општеството. Оттука гледаме дека овие феудалци го потпомагаат и го „покрстуваат“ словенскиот многубожечки народ, стануваат главари на новата црква и внесуваат нови погледи врз општествениот живот, обичаи, право итн. Византиското христијанство наполно му одговарало на феудалниот систем на општественото устројство, па затоа било примено од новите словенски феудалци, коишто со насилното укинување на демократските установи на задружниот живот сакале да воведат сосема други сфаќања и погледи врз општествениот живот. Но против тоа се појавил спонтан народен отпор. Официјалното христијанство како општ светоглед несомнено имаше преднина над старословенското многубоштво. Но бидејќи беше воведувано со цел да го оправда поробувањето на народот од страна на феудалците, да ја истисне старата задруга и нејзините демократски и почовечни сфаќања за правото и општествениот живот, оно му беше туѓо на простиот народ. Впрочем, тоа христијанство имало и опозиција од оние секти што стоеле поблиску до христијанството на пракомунистичките еврејски рибарски колонии. Оттука учењето на овие секти било и повеќе примано од народот. И науката на поп Богомил настанала под влијание на овие секти. На Богомила му се чинело дека првобитното христијанство повеќе му одговара на старословенскиот задружен начин на живот, па во врска со народниот отпор против феудалците се обидел да создаде ново, „вистинско" Христијанство, коешто наполно ќе му одговара на словенечкиот начин на живот. Затоа неговиот потфат ги минал рамките на затворена верска секта и ги зафатил широките народни слоеви. Богомилите барале укинување на сите општествени установи што ги вовел феудализмот. Тие биле против феудалните и црковните земјовладелци, зашто и едните и другите ја отимале земјата од народот, а народот го претворале во феудални робје. Тие необично остро востанале против официјалната црква, зашто таа идејно ја оправдувала оваа постапка, па дури и самата се претворила во моќен феудалец и запоседнала големи пространства народна земја. Богомилите му се молеле на бога на отворено, го одбегнувале верскиот церемонијал и живееле со прост начин на живот. Тие не ветувале задгробен живот, туку совршенството на животот го наоѓале во служењето на вистината. На жената, што била сметана како нерамноправна, тие ѝ ги признале човечките достоинства. Ги мразеле болјарите, властелините и црковните великодостојници, ја презирале војната и убивањето на луѓето и проповедале враќање кон старословенскиот, задружниот начин на живот. Затоа движењето на богомилите сретнало широк народен одзив. Тоа најсилно се развило меѓу Повардарските Словени токму затоа што тие секогаш биле под власта на туѓи ненародни феудалци, и никогаш од својата средина не дале ни световна ни црковна аристократија. Од првата богомилска општина, меѓу племето Драговити, што живеело во југозападна Македонија, околу Воден, Костур и Битола, богомилското движење се раширило по целото Повардарје, ги зафатило Бугарија, Србија, Босна и минало дури во Италија и други земји. Во околината на Велес и денеска има село Богомила, како и планина Бабуна со истоимената река, зашто тамошните богомили се викале и бабуни. Тука им бил и несомнениот центар, па се смета дека и самиот поп Богомил е од тој крај. Во селото Богомила постои некаков споменик, за кој се чува предание дека е гробот на поп Богомил. Но против богомилското движење, како многу опасно за официјалната црква и феудалниот поредок, се кренала сета тогашна земна власт и богомилите биле прогонувани како диви ѕверови. Од нив денеска нема речиси никаква трага, освен зачуваните пишани споменици од католички и православни летописци. Тие се мртви сведоци на крвавата и упорна борба што се водела против богомилите. Во народот, меѓутоа, и до ден-денешен се зачувале богомилски преданија и траги на нивното учење, во форма на народни приказни, басни и легенди. Официјалната црква фрлила анатема врз богомилството како на ерес, па затоа ова наше средновековно народно движење е слабо познато и ценето. Зашто, иако се стремеше да ги задржи старите облици на општествениот живот, оно со право е сметано од мнозина европски научници како прв факел што е запален во средниот век, факел што на човештвото му ги осветлуваше новите патишта на влезот во новиот век, и го потпомогна неговото будење од средно-вековниот сон. Затоа треба да се цени и да се осветли вистината за богомилството, како за народно движење за човечки права. |
Поврзано
Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години. |