Книга на израелеви судии/ 20 глава
19 глава | Книга на израелевите судии 20 глава од н.п. |
21 глава |
1 Тогаш сиот Израел излезе и се собра сета заедница како еден човек, од Дан до Вирсавеја и до Галадската Земја, кај Господа во Миспа.
2 Началниците на сиот народ, на сите Израелеви племиња, дојдоа на собирот на Божјиот народ, четири стотини пешаци свикнати на меч.
3 А Венијаминовите синови научија дека Израелевите синови се искачиле во Миспа. Тогаш Израелевите синови запрашаа: „Кажете ни како се случи злосторот!”
4 Леви, мажот на убиената жена, зеде збор: „Дојдов со наложницата во Венијаминовата Гаваја за да преноќам.
5 А граѓаните на Гаваја станаа против мене и ноќе ја опкружија куќата во која што бев; сакаа да ме убијат мене, а мојата соложница ја изнасилија така што умре.
6 Затоа ја зедов мртвата соложница, ја исеков на делови и ја испратив во сите краишта на Израелевото наследство, зашто направија беззаконие и срамно дело во Израел
7 Ете, сите вие, Израелеви синови, разгледајте го делото и одлучете тука.”
8 Сиот народ стана како еден човек, говорејќи: „Никој од нас нека не се враќа во својот шатор, никој нека не се враќа во својата куќа!
9 Туку сега ова да и го направиме на Гаваја: ќе фрлиме жрепка;
10 и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе и носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.”
11 И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек.
12 Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас?
13 Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!” Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци.
14 Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците.
15 А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја.
16 Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта.
17 А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сè луѓе свикнати на меч и сè само воини.
18 Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?” - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.”
19 Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја.
20 Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја.
21 А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето.
22 Израелците отидоа и плачеа пред Господа сè до вечерта, а тогаш Го прашаа Господа: „Треба ли пак да излеземе во бој против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете против него!”
23 Тогаш војската на Израелевите синови се охрабри и повторно се нареди во боен ред, на истото место каде што се наредија во првиот ден.
24 На вториот ден Израелците им се приближија на Венијаминовците,
25 но во тој втор ден, Венијамин излезе од Гаваја пред нив и им уби на Израелците уште осумнаесет илјади луѓе, кои останаа во полето, сè само одбор воини, свикнати на меч.
26 Тогаш сите Израелци и сиот народ отидоа во Ветил (Божји Дом), па плачеа и стоеја таму пред Господа; постеа цел ден до вечерта, принесуваа паленици и помирителни жртви пред Господа.
27 И тогаш Израелците пак Го прашаа Господа, (зашто во она време Ковчегот на Божјиот Завет се наоѓаше на тоа место,
28 и Финес, син на Ароновиот син Елеазар, стоеше пред него во оние денови.) Тие прашаа: „Треба ли пак да излеземе против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете, зашто утре ќе ги предадам во ваши раце.”
29 Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја.
30 На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано.
31 Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци.
32 И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.” А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!”
33 Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја.
34 Десет илјади способни луѓе, избрани од сиот Израел, дојдоа кон Гаваја. Бојот беше жесток. Венијаминовите синови и не насетуваа дека ќе ги стигне зло.
35 И Господ го порази Венијамина пред Израел во тој ден, та Израелците му погубија на Венијамина дваесет и пет илјади и сто луѓе свикнати на меч.
36 Венијаминовите синови видоа дека се победени. Луѓето Израелци се повлекоа од своите бојни редови пред Венијамина, надевајќи се на заседата што ја поставија околу Гаваја.
37 А оние кои беа во заседата се нафрлија брзо против Гаваја и, откако влегоа во неа, ги исекоа со остар меч сите жители.
38 Израелевите мажи се беа договориле со оние од заседата, тие да кренат столб од дим од градот како знак:
39 тогаш Израелевите мажи ќе се повлечат од бојот. Венијамин почна да ги убива Израелците и им исече триесет луѓе, и си рекоа: „Навистина, паѓаат пред нас како во поранешниот бој.”
40 А кога знакот, столб од дим, почна да се издига од градот, Венијамин се обѕрна и виде како пламен од целиот град се вишка кон небото.
41 Тогаш Израелевите мажи се завртија, а Венијаминовците ги опфати ужас, зашто видоа дека ги најде зло.
42 И избегаа пред Израелците кон пустината, но воините им беа зад петиците, а оние кои доаѓаа од градот ги убиваа од зад плеќи.
43 Така го опколија Венијамина и, гонејќи го без здивнување, го уништија до Гаваја на источната страна.
44 И на Венијамин му паднаа осумнаесет илјади луѓе, сè само способни јунаци.
45 Преживеаните се завртија и избегаа во пустината кон Римонската Стена. Сечејќи по патиштата, Израелците погубија уште пет илјади луѓе.
46 Во тој ден, на Венијаминовците им паднаа дваесет илјади луѓе навикнати на меч, сè само способни луѓе.
47 Шест стотини луѓе избегаа во пустината кон Римонската Карпа и останаа таму четири месеци.
48 Потоа Израелевите луѓе им се вратија на Венијаминците, ги исекоа со остри мечеви мажите во градовите, добитокот и сè што се нашло; и ги изгореа со оган сите градови што ги најдоа во Венијамин.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse