Книга на израелеви судии/ 16 глава
15 глава | Книга на израелевите судии 16 глава од н.п. |
17 глава |
1 Оттаму Самсон отиде во Газа; таму виде блудница и влезе при неа.
2 На жителите на Газа им јавија: „Самсон дојде тука!” Го опкружија и го дебнеа цела ноќ при градската врата. Сета ноќ беа притаени. „Да почекаме до зорите - мислеа - па ќе го убиеме.”
3 Но Самсон лежеше само до полноќ, а на полноќ стана, ја грабна градската врата со двата довратника, ги истрга заедно со лостот, ги стави на раменици и ги однесе на врвот на гората што е спроти Хеврон и ги положи таму.
4 Потоа тој се вљуби во една жена од долината на Сорик, по ме Делила.
5 Филистејските кнезови дојдоа при неа и и рекоа: „Заведи го и научи каде стои неговата голема сила, за да можеме да го совладаме па да го врзиме и да го направиме немоќен. А секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребрени сикли.”
6 Делила го праша Самсона: „Кажи ми каде стои твојата голема сила и со што треба да бидеш врзан, за да бидеш совладан.”
7 Самсон и рече: „Ако ме врзат со седум свежи, уште неосушени, жили од лак, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.”
8 Филистејските кнезови и донесоа на Делила седум свежи уште неосушени жили, и таа го врза со нив.
9 Кај неа во собата имаше заседа, и таа му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Тој ги скина жилите како што се кине колчиште кога ќе се доближи до огнот. И така не научија за неговата сила.
10 Тогаш Делила му рече на Самсона: „Ме измами и ме излага. Но сега кажи ми со што треба да бидеш врзан?”
11 Тој и одговори: „Ако ме врзат добро со нови, уште неупотребени, јажиња, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.”
12 Тогаш Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Кај неа во собата имаше заседа, но тој ги скина јажињата на рацете како да се конци.
13 Тогаш Делила му рече на Самсона: „Постојано ме измамуваш и ме лажеш. Кажи ми најпосле со што треба да бидеш врзан.” Тој и одговори: „Ако вткаеш седум плетенки од мојата коса во ткајачки разбој и ако ги заглавиш со клин, ќе станам немоќен и ќе бидам како обичниот човек.”
14 Таа го заспа и отка седум плетеници од неговата коса во ткајачкиот разбој, заби клин и му викна: „Ете се Филистејците врз тебе, Самсоне!” Тој се разбуди и ги истрга и клинот и ткајачкиот разбој.
15 Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.”
16 Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт.
17 И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.”
18 Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе.
19 Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави.
20 Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.” Но не знаеше дека Господ се сврти од него.
21 Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата.
22 Но косата почна пак да расте каде му ја избричија.
23 Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.”
24 А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.”
25 Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нè забавува!” И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата.
26 Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.”
27 А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон.
28 Самсон извика кон Господа: „Господи, Господи, спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.”
29 И Самсон ги напипа двата средни столба врз кои лежеше зградата, се потпре на нив, со десната на едниот, а со левата на другиот
30 и извика: „Нека загинам со Филистејците!” И напна со сета сила и ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот.
31 Потоа неговите браќа и сиот дом на неговиот татко дојдоа, го зедоа и го однесоа, и го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на Маној, неговиот татко. Тој му судеше на Израел дваесет години.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse