Книга на израелеви судии/ 10 глава
9 глава | Книга на израелевите судии 10 глава од н.п. |
11 глава |
1 По Авимелеха стана Тола, синот Фуев, син Додов, за да го избави Израел. Тој беше од Исахаровото племе, а живееше во Самир, во Ефремовата Гора.
2 Му беше судија на Израел дваесет и три години, а кога умре, го погребаа во Самир.
3 По него стана Галатецот Јаир, кој му беше судија на Израел дваесет и две години.
4 Имаше триесет синови, кои јаваа на триесет ослиња и имаа триесет градови, што се наречени до денешен ден Јаирови Села, а се наоѓаат во Галадската Земја.
5 Кога умре Јаир, го закопаа во Камон.
6 Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи. Им служеа на ваалите и на астартите, на арамејските богови и на сидонските богови, на боговите на Моавците и на боговите на Филистејците. А Го напуштија Господа и веќе не Му служеа.
7 Тогаш Господ пламна со гнев и ги предаде во рацете на Филистејците и Амонците.
8 Оттогаш тие ги угнетуваа и ги измачуваа Израелците осумнаесет години - сите Израелци кои живееја отаде Јордан, во Аморејската Земја, што е во Галад.
9 Потоа Амонците поминаа преку Јордан за да завојуваат и против Јуда и Венијамин, и против Ефремовиот дом, па Израел се најде во голема неволја.
10 Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа, велејќи: „Грешевме кон Тебе зашто Го оставивме Господа, нашиот Бог, за да им служиме на ваалите.”
11 А Господ им одговори на Израелците: „Нели ве угнетуваа Египетците и Аморејците, Амонците и Филистејците,
12 Сидонците, Амаликците и Маонците? Но кога извикавте кон Мене, нели ве избавив од нивните раце?
13 А вие ме оставивте Мене и почнавте да им служите на други богови. Заради тоа не ќе ве избавам веќе.
14 Одете и викајте им за помош на оние богови што сте ги избрале! Тие нека ве избават од вашата неволја!”
15 Израелевите синови Му одговорија на Господа: „Согрешивме! Прави со нас што Ти е угодно, само избави нè денес!”
16 И ги отстранија туѓите богови и почнаа пак да му служат на Господа. А Господ веќе не можеше да трпи Израелците да патат.
17 Кога Амонците се собраа и се влогорија во Галад, се собраа и Израелците и се влогорија во Миспа.
18 Тогаш народот и галадските началнци си рекоа едни на други: „Кој човек ќе нè поведе во бој против Амонците, нека биде началник на сите жители на Галад.”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse