Книга на Исус Невин/ 8 глава
7 глава | Книга на Исус Невин 8 глава од н.п. |
9 глава |
1 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се и не се плаши! Земи ги со себе сите воини, стани и нафрли се врз Гај. Ете, ти ги предавам во рацете гајскиот цар, неговиот народ, градот и неговата земја.
2 Направи со Гај и со неговиот цар како што направи со Ерихон и со неговиот цар; ама ви е слободно да го приграбите пленот од него и неговиот добиток. Постави му на градот заседа од зад грб.”
3 Се подготви Исус да нападне на Гај и сите воини со него. Избра триесет илјади јунаци и ги испрати ноќе;
4 им даде заповед: „Внимавајте! Ќе отидете во заседа на градот од зад грб, ама да не бидете предалеку од градот, и бидете сите подготвени.
5 А јас и сиот народ, кој ме придружува, ќе му се доближиме на градот; и кога луѓето од Гај ќе излезат пред нас, ние ќе избегаме, како и порано, пред нив.
6 Тие ќе тргнат по нас додека не ги одведеме од градот, зашто ќе мислат: ‘Бегаат пред нас како и порано.’ И така ние ќе избегаме пред нив.
7 Тогаш излезете од заседата и заземете го градот: Господ, нашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете.
8 Штом ќе го освоите градот, изгорете го со оган. Направете го тоа според Господовата заповед. Внимавајте, тоа ви го заповедав.”
9 Исус ги испрати, и тие отидоа во заседа па се сместија меѓу Ветил и Гај, западно од градот. А Исус ја помина ноќта меѓу народот.
10 Рано наутро Исус го преброи народот и тргна со Израелевите старешини пред народот против Гај.
11 Сите војници тргнаа со него, и кога му се приближија на градот, се влогорија северно од Гај, така што меѓу нив и местото беше рамница.
12 Исус зеде околу пет илјади луѓе и постави заседа меѓу Ветил и Гај, од западната страна на градот.
13 А народот се смести во логорот, што беше северно од градот, додека неговата заштитница беше западно од градот. Исус пак ја помина ноќта среде долината.
14 Кога сè тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот.
15 Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината.
16 На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот.
17 И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците.
18 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.” И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот.
19 И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган.
20 Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите.
21 Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај.
22 Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега.
23 А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса.
24 Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него.
25 Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај.
26 Исус не ја спушти раката со која замавна со копјето, сè додека не беа погубени сите жители на Гај.
27 Само добитокот и пленот од оној град Израелците ги поделија меѓу себе, како што Господ му нареди на Исуса.
28 Исус го опожари Гај и го направи урнатина засекогаш, пусто место до денес.
29 Го обеси гајскиот цар на дрво до вечерта. При зајдисонце Исус нареди да го симнат трупот од дрвото, го фрлија пред градската врата и нафрлија врз него голем куп камења, што стои и денес.
30 Тогаш Исус му подигна жртвеник на Господа, на Израелевиот Бог, на гората Евал,
31 како што им заповеда Мојсеј, Господовиот слуга, на сите Израелеви синови, и како што е напишано во Мојсеевата книга на Законот: жртвеник од груби камења, неделкани со железо. На него Му беше принесена на Господа жртва паленица и помирителни приноси.
32 Таму на камењето Исус го препиша Мојсеевиот Закон, што беше напишан за Израелевите синови.
33 И сиот Израел и неговите старешини, народните главатари и судии, придојдениците и домашни, застанаа од двете страни на Ковчегот, спроти свештениците и левитите, кои што го носеа Ковчегот на Господовиот Завет - половината кон гората Гаризин, а половината кон гората Евал - за да биде благословен Израелевиот народ според Законот што го заповеда Мојсеј, Господовиот слуга.
34 Тогаш Исус го прочита секој збор на Законот, благословот и проклетството, сè како што е напишано во книгата на Законот.
35 Исус не испушти ниту една Мојсеева наредба, туку сите ги прочита пред соборот на сите Израелци, пред жените, децата и придојдениците кои одеа со нив.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse