Книга на Исус Невин/ 2 глава
1 глава | Книга на Исус Невин 2 глава од н.п. |
3 глава |
1 Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.” Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму.
2 Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.”
3 Тогаш ерихонскиот цар и порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.”
4 Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се.
5 Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.”
6 А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму.
7 И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сè до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив.
8 Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот
9 и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нè фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас.
10 Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте.
11 Кога го чувме сè тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата.
12 Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак
13 дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сè нивно, и дека ќе нè избавите од смртта.”
14 Луѓето и одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нè предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.”
15 Потоа Рава ги спушти по јаже низ прозорецот, зашто куќата и беше покрај градскиот ѕид, и таа живееше до ѕидот.
16 Уште им рече: „Тргнете кон гората, за да не ве најде потерата, и кријте се таму три дена додека не се вратат потерците, а тогаш одете си по својот пат.”
17 Луѓето и одговорија: „Еве, вака ќе бидеме слободни од твојата заклетва со која нè заколна:
18 кога ќе влеземе во земјата, послужи се со овој знак: врзи ја оваа црвена врвца за прозорецот, низ кој нè спушташ, и собери ги при себе, во куќата, својот татко и својата мајка, и своите браќа, и сите свои роднини.
19 Секој од вас кој ќе стапи надвор, преку прагот на твојата куќа, неговата крв на негова глава: вината не ќе биде на нас - сам е виновник за својата смрт; а кој ќе остане со тебе во куќата, неговата крв нека падне на нашите глави - ние ќе бидеме виновни ако некој го допре со рака.
20 Ако пак ја предадеш оваа наша работа, ќе бидеме слободни од заклетвата со која што нè заколна.”
21 А таа одговори: „Нека биде како што рековте!” Тогаш ги пушти, и тие си отидоа, а таа ја заврза за прозорецот црвената врвца.
22 Тие отидоа и дојдоа на гората, и останаа таму три дни додека не се врати потерата; потерата ги бараше по сите патишта, но не ги најде никаде.
23 Тогаш се вратија и двајцата согледувачи: слегоа од гората, преминаа преку реката и дојдоа кај Исуса, синот Навинов, па го известија за сè што им се збидна.
24 И му рекоа на Исуса: „Господ ни ја предаде целата таа покраина во раце; сите нејзини жители ги опфати страв пред нас.”
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse