Инаугурациски говор на Гордана Сиљановска-Давкова

Инаугурациски говор  (2024) 
од Гордана Сиљановска-Давкова

Одржан на 12 мај 2024 во Собранието, по повод инаугурацијата за Претседател.

Почитувани и сакани граѓани,

Почитувани пратенички и пратеници,

Почитувани гости,

Почитувани екселенции,

Моите зборови се во битка со емоциите. Признавам. Не можев да замислам дека ваква доверба ќе добијам од над 560 000 граѓани. Сè уште не ми се верува. Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа е господинот Христијан Мицковски, а јас одговарав не е можно. Ама тој тврдеше дека не е како мене професор по уставно право, туку дека е математичар и дека тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и меѓу емоциите. Ги знаете моите тези. Само ќе ги повторам, но потоа би сакала да се обратам на оние заради кои се нафатив, оние кои сакам да ги инспирирам, оние кои на западен Балкан нечесто се претседателки на држави, сакам да им се обратам на жените. Но, најпрво ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани. Нема да правам разлика меѓу нив ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова, ниту по било која друга разлика. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам сè за да ја оправдам.

Почитувани, време е за единство. И затоа реков дека ќе им се обратам на жените. Бидејќи единството може да значи и женска филозофија, женска автентичност. Бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред сѐ за сите останати. Среќна сум што деновиве првите честитки дојдоа од жени. Имав телефонски разговор со претседателката на Словенија, прекрасен, женски. Роденденот, нема да верувате го поминав со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, исто така во еден женски разговор. Тоа се нешта што во животот ќе ги носам со себе. Првите честитки дојдоа од Дорис Пак, понатаму од моите колешки, не само од Венецијанската комисија и од универзитетите, туку од сите континенти и од сите области.

Зошто сакам да го посветам овој говор на жените?

Прво, во ова Собрание јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето. Дека може да направиме преку обраќањето некои корекции. Исто така, кога ќе именувам или кога ќе предлагам членови на Судскиот совет или на Уставниот суд или на било кој орган се разбира дека ќе тргнувам од стручноста и компетентноста. Знаете зошто? Затоа што жените се таму на вистинските функции каде што се ценат стручноста и компетентноста. За жал, ги нема во политиката.

И јас затоа сум среќна што ќе инспирирам други жени. Ако можам јас да бидам претседателка можете да бидете и вие. Запоменте! Што сакам друго да кажам? На западниот Балкан и на Балканот сè уште е жив патријархатот. Затоа јас мислам дека силните жени на поинаков начин можат да ги решаваат проблемите меѓу сите, и меѓу мажите и жените, и меѓу нациите и меѓу државите. Цврсто верувам во тоа. Дека сум во право покажува и следново оваа држава не ја бранеле, или не ја имаме само благодарение на комитите, туку и на комитките како Сирма Војвотка. Оваа земја ја немаме само заради партизаните, туку заради и партизанките, од Вера Циривири, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа. Значи, на шеснаесетгодишна возраст и тие стекнувале избирачко право.

Многу храбри жени и многу умни жени сум видела во овој парламент. Но, се чудев зошто ги нема? Зошто немаме жена-премиер? Зошто не сме имале жена-претседателка на Собрание? Зошто да немаме жена претседателка на државата? И, еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот. Ама овде и од десно, среде и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени, жени кои ќе ги носам не само во умот, туку и во срцето. Значи, политиката најчесто беше не уметност на можното, туку беше кој, кога и како добива. Нас нѐ немаше на врвните функции. Значи, ние можеме да ја развиваме политиката како уметност на неможното, не само на можното.

Многу убаво звучи кога ќе чуете дека зад успешните политичари или мажи стојат прекрасни жени. Еве, јас ја користам приликата да кажам дека зад успешни жени стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг. Тој прифати животот да ни биде вистински натпревар не само со емоции, туку со аргументи и во кариерата. Ама за време на кампањата или пред кампањата јас доживеав да ми биде укажана доверба од човек кој не го познавав претходно, јас господинот Христијан Мицковски пред 2019 година само еднаш го видов на телевизиските екрани. Значи, довербата е многу важна. Довербата е многу важна, и јас ќе ја оправдам. Не! Не, заради одговорност или долг кон партија или кон политика. Не! Затоа што добив шанса да бидам опкружена со многу, многу жени. И би сакала да споменам некои од нив.

Да не беа со мене волонтерките, бидејќи јас сум опкружена со волонтерки и волонтери, јас не ќе можев да ја издржам кампањата. Требаше критика. Беа потребни совети, беше потребна поддршка. Оти моето мото, оние кои ме познаваат овде знаат дека е - не опкружувајте со со обожавателки и обожаватели, туку само со критичарки и критичари. Само тие ви мислат добро. Зошто бев премногу, морам да кажам релаксирана? Затоа што жените околу мене не беа само Македонки, ниту мажите околу мене не беа само Македонци. Тоа сите го видовте. Во мојот тим токму како во мојата програма отпечатена на сите јазици, беа и жени и мажи Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби. Веројатно, видовте кога ја читаа програмата на нивниот јазик. Таков ќе биде и мојот кабинет. Ама првиот и основниот критериум за дружење со мене е стручност и компетентност, па потоа било која друга припадност. Мислам дека само така се разбира жените ќе имаат предност. Зошто? Бидејќи досега не им беше дадена.

Затоа јас имам посебна обврска. Кон кого? Кон мажите. Ние мораме не само да ја феминизираме политиката, туку исто така и да им помогнеме на мажите да сфатат дека не смееме да се откажуваме, тоа е еманципација од 50% знање, ум, енергија, креација, убавина. Никој нема право да го прави тоа. И постојано велам треба да го следиме ритамот на природата. Таа е совршен креатор. Хармонизира. Затоа, јас не го знам точно соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42%. Зошто, верувајте ми, повторувам, имало овде прекрасни моменти. Имало во политиката за жал и судири. Ама ние жените овде и во Клубот на пратеничките и во Комисијата за еднаквоста за жените и мажите и кога одевме надвор умеевме да ја претставиме Македонија како умна, стамена, достоинствена жена. Знам дека не смеам да должам. Не случајно, држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род, Македонија е во женски род. Помогнете им пратеници-витези на жените да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија како што и јас сум на мојот народ, како збир на индивидуи и граѓани, и мислам дека така ќе помогнеме и да се европеизираме и да ги надминеме балканските поделби и делби.

Никогаш не ни било потребно поголемо единство. Можеби некој ќе замери дека го споменав господинот Мицковски, ама еве го пред мене господинот Ковачевски. Сакам и него да го споменам. И тој се одважи да ми се јави. Не само на Фејсбук да ми посака добредојде и успешна работа, туку да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие мажите политичари и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите. Искористете го умот! Искористете го, не заборавајте ги! На сите! Така мислам дека ќе ги охрабриме и оние надвор, бидејќи покрај жените мојата болка и радост се младите. Не случајно се родиле овде. Ајдете да исчекориме. Ајдете да се обидеме да смениме нешто во политиката како арена во која навистина сите средства понекогаш се дозволени. Не! Лекција имаме. Тешка лекција имаме. И кога ве гледам вака знам дека има шанса за сите нас. Како што имаше шанса во театарот кога ми пријдоа многу пратнички од СДСМ да ми честитаат велејќи дека нема разлика меѓу нас, сите ќе помогнат, така барам и од вас пратенички и пратеници да имате разбирање за моите обраќања, да имате разбирање евентуално за моето вето, да имате разбирање за моите предлози, да имате разбирање за мојата меритократија во надворешната политика.

И, на крајот, владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава. Владеење на правото, не владеење на малкумина, не владење на неколку мажи. Мислам дека ќе ми помогнете, а и јас вам.

Благодарам.

Ова дело е во јавна сопственост, бидејќи според Член 16 од Законот за авторското право и сродните права на Македонија, ова дело не е заштитено со авторски права. Како авторско дело не се сметаат:

  1. Идеите, теориите, концептите, методологиите на работа или математичките концепти, независно од начинот на објаснувањата или изразувањата.
  2. Службените текстови од политичка, законодавна, административна и судска природа и нивните службени преводи.
  3. Дневните и други вести кои имаат карактер на обични - медиумски информации, едноставни факти и податоци.
  4. Идеите и концепциите што претставуваат основа за кој било елемент на компјутерска програма, вклучувајќи ги деловите од програмата што овозможуваат поврзување и интеракција меѓу елементите на програмската и машинската опрема (интерфејси).

Public domainPublic domainfalsefalse