Закон за употреба на знаковниот јазик

Закон за употреба на знаковниот јазик

од Влада на Република Македонија
закон на Република Македонија, Службен весник бр.105, 21 август 2009 година



I ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредува правото на употреба на знаковниот јазик (во натамошниот текст: знаковен јазик), правото на глувите и наглувите лица на знаковен јазик, изучување на знаковниот јазик, толкувач на знаковен јазик, задачите на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија (во натамошниот текст: Сојузот), финансирањето, остварувањето на правата и прекршочните санкции.


Член 2

Знаковниот јазик согласно со овој закон, се признава како потполно природен начин на комуникација еднаков со говорната комуникација.

Знаковниот јазик е јазик со кој меѓусебно се разбираат лицата со оштетен слух, односно е природно средство за комуникација меѓу овие лица и други физички и правни лица, кои имаат потреба со комуникација.

Знаковен јазик е визуелно - знаковен јазичен систем, кој подразбира одредена поставеност, позиција, насоченост и движење на рацете и прстите и мимика на лице.


Член 3

Глуво лице се смета лице кај кое оштетувањето на слухот е над 80 децибели (во натамошниот текст: дб) и кое со слушен амплификатор не може да го перцепира вербалниот говор.

Наглуво лице се смета она лице кај кое оштетувањето на слухот на подоброто уво е од 25 дб до 80 дб и кое потполно или делумно го развило вербалниот говор.

Согласно со одредбите од овој закон, глувите и наглувите лица можат да го остварат правото на толкување од говорен јазик на знаковен јазик и од знаковен јазик на говорен.


II. ПРАВАТА НА ГЛУВИТЕ ЛИЦА

Член 4

Глувото и наглувото лице има право на употреба на знаковниот јазик како странка или учесник во постапките пред државните органи, органите на локалната самоуправа, правосудните органи, јавните претпријатија, установи, агенции, фондови и други институции и организации.

Глувото и наглувото лице, покрај правото од ставот 1 на овој член има право на употреба на знаковниот јазик и за други животни потреби по негов избор, доколку глувоста претставува пречка при задоволувањето на неговите потреби, но најмногу до 30 часа годишно.

Правото од ставовите 1 и 2 на овој член се оставаруваат со остварување на правото на толкувач.


Член 5

Центарот за социјална работa издава решение за остварувње на правото на толкувач.

Центарот за социјална работа доставува решение до Сојузот за остварување на правото за обезбедување на лица од листата на толкувачи.


Член 6

Центарот за социјална работа води евиденција на глувите и наглувите лица на кои им се издава решенија согласно со членот 5 на овој закон.

Во решението од членот 5 став 1 на овој закон се внесуваат следниве податоци за глувото лице:

- лични податоци (име, презиме, датум и место на раѓање),

- податоци за местото на живеење и

- број и датум на издавање и траење на решението.

За издаденото решение центарот за социјална работа го информира и Сојузот.


Член 7

Државните органи, органите на локалната самоуправа, правосудните органи, јавните претпријатија, установите, фондовите и други институции и организации, се должни на глувото и наглувото лице да му обезбедат толкувач на барање на глувото лице или по службена должност веднаш кога ваквото лице ќе приложи решение од центарот за социјална работа, со кое му се признава правото на употреба на толкувач.

Трошоците на толкувачот од членот 4 на овој закон ги надоместуваат, органите односно институциите од ставот 1 на овој член.


III. ИЗУЧУВАЊЕ НА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК

Член 8

Институтот за дефектологија при филозофскиот факултет организира изучување на знаковниот јазик преку воведување на наставен предмет.


Член 9

Училиштето за основно и средно образование во кое се образува глувото и наглувото дете и младинец, организира изучување на знаковниот јазик преку воведување на наставен предмет согласно со Законот за основно и средно образование.


Член 10

Сојузот организира изучување на знаковниот јaзик за граѓани кои сакаат да го изучуваат знаковниот јазик.

Сојузот врши оспособување на толкувачи на знаковниот јазик преку разни едукативни форми.

Лицето кое врши едукација за изучувањее на знаковниот јазик задолжително треба да поседува сертификат согласно со член 11 на овој закон.


IV. ТОЛКУВАЧ НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК

Член 11

Толкувач е лице кое на глувото и наглувото лице му толкува од македонскиот говорен јазик и говорниот јазик на припадинците на заедниците на знаковниот јазик, а на лицата кои слушаат им толкува од знаковниот јазик на македонскиот говорен јазик и говорниот јазик на припадниците на заедниците.

Толкувач е полнолетно лице кое поседува сертификат и е запишан во регистарот на толкувачите кој го води Министерството за труд и социјална политика.

Сертификатот е јавна исправа.


Член 12

Толкувачот при својата работа е должен да го почитува кодексот на професионалната етика на толкувачите, да не ги крши должностите на правилно толкување и службената должност.


Член 13

Сојузот ги врши следниве задачи:

- води евиденција на толкувачи на знаковниот јазик

- објавува листа на толкувачи во дневниот печат и вебсајтот на сојузот,

- донесува кодекс на професионалната етика на толкувачите,

- обезбедува толкувач за потребите на глувите и наглувите лица,

- води евиденција за времето на ангажирање на толкувачите и

- издава и одзема сертификат на толкувач и води евиденција на издадените сертификати.


Член 14

Непочитувањето и прекршувањето на одредбите од членовите 12 и 13 алинеја 3 на овој закон претставува основ за одземање на сертификатот на толкувачот.


Член 15

Евиденцијата од членот 13 алинеја 1 на овој закон ги содржи следниве податоци на толкувачот на знаковниот јазик.

- лични податоци, степен и насока на образованието, живеалиште и единствен матичен број и

- датум и број на издавање на сертификатот.

Листата на толкувачите е јавна и достапна за сите заинтересирани граѓани.


Член 16

Толкувачот се брише од евиденцијата:

- во случај на смрт на толкувачот,

- ако достави писмено известувањее дека не сака повеќе да работи како толкувач и

- ако му е одземен сертификатот за вршење на професијата толкувач согласно со членот 13 од овој закон.


Член 17

Министерот за труд и социјална политика со решение ја утврдува висината на паричните средства за надомест на толкувачот на предлог на Сојузот врз основа на реални трошоци и истата се објавува во Службен весник на Република Македонија.

Министерот за туд и социјална политика ги пропишува формата и содржната на образецот за евиденција и начинот на нејзиното водење.


Член 18

Министерот за труд и социјална политика заради развојот и афирмацијата на знаковниот јазик, негово унапредување од лингвистички, фонолошки и морфолошки аспект, синтакса и негова стандардизација со решение формира Комисија од пет члена, и тоа:

- еден член со научно звање доктор, со познавање на знаковниот јазик и истиот е пожелно да има практично искуство во образвание на глуви лица,

- еден член од Филолошкиот факултет со научно звање доктор,

- еден член од Институтот за дефектологија со научно звање доктор, со потесна специјализација сурдолог и

- двајца членови од Сојузот со познавање на знаковниот јазик од кои едниот да биде глуво лице.

За членови на Комисијата министерот бара мислење и предлог од Сојузот.

Комисијата административно-техничките работи ќе ги извршува при Сојузот.

Трошоците поврзани со работата на Комисијата ги сноси Министерството за труд и социјална политика.


V. ФИНАНСИРАЊЕ

Член 19

Паричните средства за организирање изучување на знаковниот јазик од членовите 8, 9 и 10 на овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Републиката.


VI. ПОСТАПКА ПРИ ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА

Член 20

Глувите и наглувите лица ги остваруваат правата со овој закон во согласност со Законот за општа управна постапка, доколку со друг закон поинаку не е одредено.

Центарот за социјална работа решава во прв степен.

По жалба против решението на центерот за социјална работа решава Министерството за труд и социјална политика.


Член 21

Правата според овој закон на глувите и наглувите лица им се гарантираат од денот на донесувањето на решението од членот 5 на овој закон.

По добиеното решение глувото лице и наглувото лице имаат право да поднесат барање до центарот за социјална работа за користење и на правото од членот 5 став 1 на овој закон.


VII. НАДЗОР

Член 22

Надзор над спроведувањето на овој закон врши Министерството за труд и социјална политика.

Инспекциски надзор врши Државниот инспекторат за труд, согласно со овој закон.


VIII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 23

Глоба во износ од 500 до 700 евра во денарска противредност ќе се изрече на физичко лице толкувач, ако се утврди дека ги крши должностите при толкување, како и службената должност од членот 12 на овој закон.


Член 24

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице од членот 5 на овој закон, односно глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорнот лице во правното лице ако не му се обезбеди на глувото и наглувото лице толкувач.


Член 25

Пред поденесување на барање за прекршочна постапка Министерството за труд и социјална политика води постапка за порамнување со толкувачот за прекршок утврден со овој закон, а согласно со Законот за прекршоците.


IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 26

Сојузот согласно со членот 10 од овој закон во рок од една година ќе обезбеди изучување на знаковниот јазик.

Во рок од шест месеца од влегувањето во сила на овој закон Сојузот ја објавува листата на толкувачите согласно со членот 15 од овој закон.

До објавувањето на листата на толкувачите од членoт 15 на овој закон Сојузот на глуви и наглуви ќе ја применува востановената постапка за издавање на документи за толкувач.


Член 27

Институтот за дефектологија, основното и средното училиште од членовите 8 и 9 на овој закон во рок од две учебни години ќе обезбедат изучување на знаковниот јазик.


Член 28

Актот од членот 17 став од овој закон, минитерот за труд и социјална политика ќе го донесе во рок од четири месеца од денот на влегувањеето во сила на овој закон.


Член 29

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.