Закон за државните награди на Република Македонија

Закон за државните награди на Република Македонија

од Влада на Република Македонија
закон на Република Македонија, Сл.Весник на Р.Македонија бр.52 од 21.04.2006 година


Член 1

Во Република Македонија се доделуваат државни награди (во натамошниот текст: награди) со кои се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на стопанството, науката, уметноста, воспитанието и образованието, културата, техничката култура, спортот, здравствената, социјалната и хуманитарната дејност, заштитата на човековата околина, публицистиката и новинарството.

Член 2

Наградите се доделуваат на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Наградите, под услови определени со овој закон, можат да се доделат и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Член 3

Во Република Македонија се доделуваат следниве државни награди: "11 Октомври", "Св. Климент Охридски", "Гоце Делчев", "Мито Хаџи Василев Јасмин" и "Мајка Тереза".

Член 4

Co наградата "11 Октомври" се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Во една година можат да се доделат најмногу до пет награди.

Член 5

Co наградата "Св. Климент Охридски" се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност. Во една година можат да се доделат најмногу до пет награди.

Член 6

Co наградата "Гоце Делчев" се оддава признание за остварувања во областа на науката. Во една година можат да се доделат најмногу до три награди.

Член 7

Co наградата "Мито Хаџи Василев Јасмин" се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Во една година можат да се доделат најмногу до две награди.

Член 8

Co наградата "Мајка Тереза" се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Во една година можат да се доделат најмногу до две награди.

Член 9

Наградите се доделуваат, по правило, секоја година.

Член 10

Поединец, група творци или екипа и член на група творци или екипа, може да биде добитник на иста награда за остварувања во иста област, само еднаш. Добитник на награда, како член на група творци или на екипа може да биде добитник на иста награда за остварувања во иста област и како поединец.

Член 11

Иницијатива за доделување на награди можат да поднесат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

Член 12

Наградите ги доделуваат одбори за доделување на наградите (во натамошниот текст: одбори). Одборите се составени од претседател и 12 члена. Претседателите и членовите на одборите ги именува Собранието на Република Македонија од редот на истакнати лица од областите за кои се доделуваат наградите. Мандатот на претседателите и на членовите на одборите трае две години. Работата на одборите е јавна. Одборите одлуките за доделување на наградите ги донесуваат со тајно гласање, доколку не утврдат гласањето да биде јавно.

Член 13

За следење и увид во остварувањата и за давање предлози за доделување на наградите, одборите образуваат стручни комисии.

Член 14

Секој одбор донесува правилник за работа со кој поблиску се определуваат постапката за доделување на наградите, роковите за распишување конкурс и поднесување иницијативи, начинот на работата на одборот, составот и работата на стручните комисии, начинот на предавањето на наградите, обликот и содржината на дипломите и плакетите, како и други прашања во врска со доделувањето на наградите.

Член 15

Одлуките на одборите за доделување на наградите се објавуваат во "Службен весник на Република Македонија" . Одлуките на одборите за доделување на наградите се објавуваат и преку средствата за јавно информирање, најдоцна три дена пред денот на врачувањето на наградите.

Член 16

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ. На секој член на наградената група творци или екипа му се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани и се доделува диплома и плакета. На добитниците на наградата "11 Октомври" им се доделува и плакета. На дипломите се става печат што го содржи грбот на Република Македонија, текстот "Република Македонија " и името на одборот за доделување на наградата.

Член 17

Паричниот износ на наградата "11 Октомври" изнесува петнаесет просечни плати во Републиката исплатени во последните три месеца на тековната година. Паричниот износ на наградата "Св. Климент Охридски" изнесува десет просечни плати во Републиката исплатени во последните три месеца на тековната година. Паричниот износ на наградите "Гоце Делчев", "Мито Хаџи Василев Јасмин" и "Мајка Тереза" изнесува пет просечни плати во Републиката исплатени во последните три месеца на тековната година. Средствата за наградите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Член 18

Наградите се врачуваат: - наградата "11 Октомври" на 11 Октомври - Денот на востанието на македонскиот народ; - наградата "Св. Климент Охридски" на 8 декември - денот на Св. Климент Охридски; - наградата "Гоце Делчев" на 4 мај - денот на смртта на Гоце Делчев; - наградата "Мито Хаџи Василев Јасмин" на 21 декември - денот на раѓањето на Мито Хаџи Василев Јасмин и - наградата "Мајка Тереза" на 26 август - денот на раѓањето на Мајка Тереза.

Член 19

Стручните, финансиските и административните работи во врска со доделувањето на наградите ги вршат: - за наградите "11 Октомври", "Св.Климент Охридски" и "Мајка Тереза" Министерството за култура; - за наградата "Гоце Делчев" Министерството за образование и наука и - за наградата "Мито Хаџи Василев Јасмин" Агенцијата за информации. Член 20 Одборите се должни правилниците од членот 14 на овој закон да ги донесат во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 21

Co денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за републичките награди ("Службен весник на СРМ" број 40/87 и 36/89 и "Службен весник на Ре-публика Македонија" број 82/99 и 33/2003).

Член 22

Во 2006 година доделувањето на наградите "11 Октомври", "Св.Климент Охридски", "Гоце Делчев" и "Мито Хаџи Василев Јасмин" ќе се изврши според одредбите од Законот за републичките награди ("Службен весник на СРМ" број 40/87 и 36/89 и "Службен весник на Република Македонија" број 82/99 и 33/2003), а на наградата "Мајка Тереза" ќе се изврши согласно со одредбите од овој закон.

Член 23

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".