Закон за грбот на Македонија
Закон за грбот на Република Македонија од Влада на Република Македонија |
закон на Република Македонија, Службен весник на РМ, бр. 138 од 17.11.2009 година |
Член 1
Со овој закон се уредува грбот на Република Македонија.
Член 2
(1) Грбот на Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви.
(2) Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.
Член 3
Ликовно-графичкиот приказ на грбот на Република Македонија е составен дел на овој закон.
Член 4
(1) Органите на државната и локалната власт и други органи, организации, институции, установи и правни лица се должни да ја усогласат употребата на
грбот согласно со овој закон во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(2) Употребата на грбот на обрасците за лични документи ќе се применува во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(3) Издадените патни исправи, лични карти и други лични документи, се употребуваат до денот на нивното важење.
(4) Издадените банкноти, метални пари, државни и вредносни хартии, се употребуваат пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(5) Банкноти, метални пари, државни и вредносни хартии по истекот на рокот утврден во ставот (4) од овој член можат да се заменат но не и да се
употребуваат.
(6) Со денот на влегувањето во сила на овој закон употребата на грбот при печатењето на обрасци за лични документи, патни исправи, лични карти и други
лични документи, како и при издавањето на банкноти, метални пари, државни и вредносни хартии ќе се врши во согласност со овој закон.
Член 5
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.