8 глава Естира
9 глава
од н.п.
1o глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, месецот адар, кога требаше да биде извршена одредбата на царевиот указ во истиот ден кога непријателите на Евреите се надеваа да завладеат над нив, се случи спротивното: Евреите завладееја над своите непријатели.
  2 Евреите се собраа по своите градови во сите покраини на царот Ахасвер за да удрат на оние, кои ја бараа нивната пропаст. И никој не се осмели да им пружи отпор зашто сите народи ги опфати страв од Јудејците.
  3 Сите кнезови на покраините и намесниците, управителите и царевите чиновници ги штитеа Евреите, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеја.
  4 Зашто Мардохеј стана голем во царскиот дворец, и по сите покраини се ширеше гласот дека Мардохеј станува сè посилен.
  5 И така, Евреите удрија со меч по сите свои непријатели, ги исекоа и ги сотреа; со своите мразители постапија како што им се сакаше.
  6 Само во тврдината Шуша, Евреите погубија и сотреа пет стотини луѓе;
  7 ги погубија Фарсандат, Далфон, Аспат,
  8 Порат, Адалиј, Аридат
  9 Фармаст, Арисај, Аридај, Ваезат,
10 и десетте синови на Аман, синот Амедатин, гонител на Евреите. Но не се полакомија по имот.
11 Во истиот ден, откако научи за бројот на убиените во тврдината Шуша,
12 царот и рече на царицата Естира: „Во тврдината Шуша, Евреите погубија и уништија пет стотини луѓе и десет Аманови синови. Тогаш, што ли направиле во другите покраини на царството? Која е сега твојата молба? Ќе ти биде послушана! Која е твојата желба? Ќе ти биде исполнета!”
13 „Ако му е по волја на царот - рече Естира - нека им се дозволи на Евреите, кои живеат во Шуша, да го применат уште утре истиот закон како и денес, и нека бидат обесени десетте Аманови синови.”
14 Царот нареди да се направи така: законот беше прогласен во Шуша и беа обесени десетте Аманови синови.
15 Така Евреите на Шуша се собраа и во четиринаесеттиот ден на месецот адар погубија во Шуша уште три стотини луѓе. Но ни тогаш не ставија рака за грабеж.
16 Другите Евреи, оние кои живееја во царските покраини се собраа да ги бранат своите животи и мирот од непријателите: погубија седумдесет и пет илјади непријатели. Но ни тогаш не се полакомија по плен. Беше тринаесеттиот ден на месецот адар.
17 На четиринаесеттиот ден Евреите мируваа: тоа беше ден на гозба и веселба.
18 Евреите во Шуша, кои се собраа во тринаесеттиот и четиринаесеттиот ден, мируваа во петнаесеттиот ден; тоа беше ден на нивната веселба и гозба.
19 Затоа Евреите полјани, оние кои живеат во неутврдени села, празнично го прославуваат четиринаесеттиот ден на месецот адар, веселејќи се и гоштевајќи се, и разменувајќи дарови меѓу себе.
20 Мардохеј ги опиша тие настани и им испрати писма на Евреите во сите блиски и далечни покраини на царот Ахасвер.
21 Им наложи да ги прославуваат во секоја година четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден на месецот адар.
22 како ден во кој Евреите постигнаа спокој од своите непријатели и како месец кој ја претвори нивната тага во радост, а нивното жалење во празник. Нека ги прославуваат со гозба и со веселба, разменувајќи дарови меѓу себе и делејќи им поклони на бедните.
23 Евреите прифатија да го пазат она што веќе сами од себе почнаа да го прославуваат и за што им пишуваше Мардохеј:
24 „Аман, синот Амедатин, Агагеец, гонител на Евреите, кога науми да ги уништи сите, фрли „Пур”, односно жрепка, за нивното погубување и истребување;
25 но кога царот научи за неговата замисла, тој нареди писмено: „Нека се обори врз неговата глава опаката замисла што ја беше засновал против Евреите, и нека биде обесен, тој и неговите синови.
26 Затоа тие денови се наречени Пурим, според зборот Пур. Затоа според сета содржина на тоа писмо, и според она што видоа и што им беше пренесено
27 Евреите се обврзаа неотповикливо и прифатија за себе, за своите потомци и за сите оние кои ќе се здружат со нив, дека ќе ги прославуваат секоја година тие два дена според тој пропис и во тоа време.
28 Тие денови треба да се слават и да се спомнуваат за нив од поколение до поколение во секое семејство, покраина и град: тие денови на Пурим не смеат да исчезнат пред Евреите, ниту споменот за нив да биде избришан од нивниот род.
29 Царицата Естира, ќерката Авихаилова, и Евреинот Мардохеј го напишаа тоа што посилно за да го поткрепат така уште еднаш писмото за Пурим.
30 Писмата им беа испратени на сите Евреи во сто дваесет и седум покраини на Ахасверовото царство со порака на мир и верност;
31 за да ги пазат тие денови на Пурим во нивното одредено време, како што го одредија тоа Евреинот Мардохеј и царицата Естира, и за да пазат пост и молитви, онака кака што тие се обврзаа себеси и своите потомци.
32 Така Естирината наредба ги озакони овие прописи за Пурим, и тоа беше запишано во книжен свиток.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse