Едгар Алан По/ Градот во морето

„Градот во морето“

од Едгар Алан По

Глеј, Смртта сама си крена трон
в туѓ град под маглив небосклон
на Запад далек, мрачен, сам,
кај зло и добро, кај чест и срам
потонале во вечен сон.
До што е дворец, кула, храм,
(сè трошно, гнило е овој град)
поцрнело во темна чад.
И ветрот е ко таласам!
А пак под сводот потемнет
водите таат очај клет.

И ни да капне светол зрак
над градов закопан во мрак;
сал лач на алово од крвје море
пламнее над храм, над дворец
и лета огнен в незапир
по бескрајна и пуста шир -
над Вавилон се метка в лет
со мртви сказни в спомен клет
над бршлен, над цвет скаменет,
над олтар в древен манастир,
кај плетат венци темни рози,
темјанушки и вити лози.

Под сводот хмурен, потемнет,
водите таат очај клет.
Храм, кула, сенка, едно сè е,
се лулее во воздухот, се лее,
додека Смртта ко в злогрд чин
од кубето ги гледа како џин.

Ту гроб, ту храм од дредни дни
зјаат сред мртви длабини;
Но ниту идолот што в тмај
со дијамантен блешти сјај,
ни мртвите врз одар-трон
не ќе ги разбудат од сон;
ни трепет брчки втиснал,
збрал над таа пустош од кристал -
ни бран, ни ветер што да сјурат
по морето и кренат бура-
ни виор втурнат в морска шир
сред возвишен и грозен мир.

Но, мигум таа збрка глава
наврапито се разбранува!
Та сè што беше кула чмурна,
сè стана пустош, сè се урна -
на сводор потем в ноќниот мрак
остана сал на пустош траг.
И стана румен секој бран
и часот стана пеплосан =
Па, кога среде неземен јад
од темел гровне чудниов град,
од својот трон сам Адот клет
со преклон ќе му стори срет.


Поврзано

уреди


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.