Димитар Миладинов/ Писмо до Петар Иванович Севастијанов

Писмо до Петар Иванович Севастијанов

од Димитар Миладинов
На современ македонски правопис.


Благодарен П. Иванович Севастијанов[1]

Јас, незначајниот и непознатиот, имам чест да ви се јавам преку ова мое смирено писмо пред Вашето Благородие и со должната најдлабока почит да Ве известам, дека дивниот и достоен за почит Ваш брат П. Севастијанов, кој ги хелиографира пергаментните ракописи во Атон и се труди со благодарна енергичност за Вашата словенска слава, благоволи да ми даде докази не само за мошне благосклоното однесување кон мене, но во резултат на својата добрина се согласи да го препорача брат ми Константин Хр. Миладинов, кој студира словенски јазици во Москва, на благосклоноста и ученоста на Вашето благородие. Неговото Превосходство е пратен од небото и за мојот брат, но пред се за овој малечок крај, како што ќе се види не по долго по благопријатните резултати. Севишниот да го опсипе со сите добрини тоа почитувано семејство заради добродетелта која ќе биде извршена во оваа бедна замја за вечен спомен и безгранична благодарност на Бугаро-Македонија.

Исто и мојот брат известува на широко и со благодарност и возбуда за љубезното услужување и сочувство на великодушните еднородци и пред се на достојните за почит Рачински при неговото патување од Одеса и насекаде дур до прочуената Москва. Таа среќна препорака од страна на одучевениот за големи дела Ваш брат да биде брат ми под Вашето благосклоно покровителство е многу ценет дар за вас, неочекуван среќен случај и добра надеж во областа на кој абрат ми се посветил. Дали брат ми има вродени предности да го оцени целосно благосклоното расположение и ученоста на почитуваната братска двојка, времето ќе покаже. Позволете ми ја честа да бидам доживотно признателен и останувам на Вашето благородие.

Од Кукуш во Македонија, 6 август 1858 г.

најмалечок слуга

Д. Хр. Миладинов

Белешки

  1. Петар Иванович Севастијанов (1811-1867), руски археолог и патешественик, познат со своите богати колекции од прекрасни фотографски снимки на илјадници паметници од словенската и грчката култура. Во 50-те години на минатиот век тој неколку пати ја постетил Света Гора со одбрана екипа од сликари, фотографи и типографи. При една од тии експедиции се запознал со Димитар Миладинов, кој му доставувал ракописи и разни старини.