Говор на Димитар Влахов во парламентот на Отоманската Империја

Говор на Димитар Влахов во парламентот на Отоманската Империја

од Димитар Влахов
Парламентарни заседанија, 1910 година.


Овој закон ќе го сметам за привремен и површен; мерките што овде ќе бидат прифатени ги сметам недоволни. Сакаме да ги стимулираме нашите земјоделци и нашата индустрија. Меѓутоа, по каков пат ќе ги стимулираме? Во тоа е парашањето. Што е потребно за стимулирање на нашата индустрија? Најпрвин се потребни капиталот и капиталистите. На второ место пак - работниците. На трето место, нужен е пазар за индустриските производи. Од која и да било нација и земја да доаѓа, нашата земја не ќе има загуба од капиталот... Претпријатијата можат да бидат странски и домашни, бидејќи и во нашата земја има богаташи. Меѓутоа, тие своите кредиторски пари ги кријат во касите, кесињата, а најмногу ги вложуваат во банките на другите земји. Кога овие луѓе ќе забележат напредок на претпријатијата создадени со странски капитал, ќе ги изведат и ќе им ги дадат сопствените пари на тие претпријатија...

Во нашата земја има многу работници. Се оплакуваме дека за работниците нема доволно работа. Вистина е, нема опитни работници. Но зарем не можат и нашите работници да станат опитни? Ќе станат. Нашите работници што одат во Америка, Бразил, се квалификуваат и работаат за напредокот на тие земји. Ако отвориме индустриски училишта, и ние ќе имаме опитни работници.

За да се покрие дефицитот, треба да го зголемиме доходот. За да се зголеми доходот, треба да ги измениме даночните закони, треба да спроведеме финансиски реформи; и пред сè, треба да работиме за прифаќање на прогресивно- пропорционалниот даночен систем и за зголемување на економската моќ на народот. Пред сè, треба да ги измениме непосредните давачки. Најпрвин таа реформа треба да ја оствариме. Тоа не одговара на приходот на населението. Поради тоа сме принудени да направиме да се зголеми економската моќ на населението.

Гледате дека нашиот буџет е многу тежок за населението. За да се зголеми приходот, нужно е да се зголеми економската моќ. Ако не ја зголемиме неа, постојано ќе има дефицит и населението ќе ги смета даноците за товар. Со еден збор, да се изменат даноците, да се изврши финансиска реформа, да се примени прогресивно- пропорционалниот систем, да ѝ се даде предност на економската моќ на населението. Така да се следи една финансиска и еконимска политика.

Извор

  • А. Стојаносвски, Еден говор на Димитар Влахов во Турскиот парламент, Историја (Скопје), VI, 2 (1970), стр. 240-247. Според A. Cerrahoglu, Turkiyede Sosyalizm (1848 - 1925), Istanbul, 1968, с. 72 - 84.