Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Солун (вики-превод)
Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Солун (вики-превод) | Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Солун Библија (вики-превод) од н.п. |
Прво писмо од апостол Павле до Тимотеј (вики-превод) |
Глава 1
уреди
Авторство и поздрави
уреди
1Од Павле, Силван и Тимотеј, до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог, нашиот Татко, и на Господ Исус Христос.
2Ви посакуваме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.
Примерната вера на солунските христијани
уреди
3Како што прилега, чувствуваме обврска да Му благодариме на Бог за вас, драги пријатели христијани, затоа што вашата вера и вашата љубов, еден спрема друг и спрема сите луѓе, постојано расте.
4Се гордееме со вас пред сите Божји цркви. Им кажуваме колку сте непоколебливи, како вашата вера опстојува и покрај сите прогони и маки низ кои минувате.
5Тоа покажува дека Бог правилно ве проценил и дека навистина сте достојни да го наследите Божјото царство, за кое и страдате.
6Бог праведно ќе ги казни оние што ве угнетуваат и мачат,
7а вам, кои страдате, ќе ви даде починка, како и на сите нас, кога Господ Исус ќе се појави од небото со Своите моќни ангели,
8со распламтен оган, казнувајќи ги оние што не сакаат да Го признаат Бог и ја отфрлаат Радосната вест на нашиот Господ Исус.
9Тие ќе бидат казнети со вечно уништување, отстранети од Божјото присуство и од Неговата величествена сила.
10Ова ќе се случи кога Господ ќе се врати за да Му биде оддадена слава и чест од оние што се Негови, што веруваат во Него. Меѓу нив спаѓате и вие, затоа што поверувавте во она што ви го сведочевме.
11Вас Бог ве одбра и ние постојано се молиме за вас, Бог да ве направи достојни за тој позив. Се молиме Бог да ви даде сила да ги извршите сите добри дела што посакувате да ги направите и што верата ви налага да ги правите.
12Така, заради тоа што нашиот Бог и Господ Исус Христос беше толку благонаклонет[1] спрема вас, вие ќе му донесете слава на името на нашиот Господ Исус, а и Тој вам ќе ви донесе слава.
Глава 2
уреди
Настани што ќе му претходат на второто доаѓање на Господ
уреди
1Нашиот Господ Исус Христос ќе се врати и ќе нѐ прибере кај Себе. Затоа ве молам, драги пријатели христијани,
2не дозволувајте лесно да ве поколебаат, ниту да ве вознемират луѓето што тврдат дека Господ веќе се вратил. Тие можеби ќе тврдат дека тоа го дознале преку духовна објава, дека слушнале од некој друг, или дека тоа го прочитале во некое од нашите писма.
3Не дозволувајте да ве измамат! Тој ден нема да дојде пред луѓето масовно да се побунат против Бог и пред да се појави Човекот на гревот и уништувањето[2].
4Тој самиот себе ќе се возвишува и ќе се противставува на сѐ што е Божјо и свето. Дури ќе се осмели да седне во Божјиот храм и да тврди дека тој е Бог.
5Зарем не се сеќавате дека ви го зборував ова додека бев кај вас?
6Вие знаете што е тоа што го спречува Злиот да се појави, сѐ додека не дојде времето тој да настапи во јавноста.
7Неговата зла сила веќе подмолно дејствува, но има Еден што го задржува и така ќе биде сѐ додека Тој не му се тргне од патот.
8Тогаш Човекот на гревот ќе се појави, а Господ Исус со Својот здив ќе го убие, ќе го уништи при Своето повторно доаѓање.
9Тој зол човек ќе дојде за да ги изврши делата на сатаната: со сета своја сила ќе покаже лажни[3] чудотворни знаци.
10Со своите зли дела ќе успее да ги измами оние што одат по патот кој ќе ги одведе во пропаст, зашто одбија да ја засакаат вистината и така да се спасат.
11Затоа Бог им испраќа една толку уверлива измама, што ќе поверуваат во сите тие лаги.
12Тогаш сите тие ќе бидат казнети, бидејќи, наместо да поверуваат во вистината, тие уживаа да прават зло.
Верните треба да останат непоколебливи
уреди
13Чувствуваме обврска постојано да Му бидеме благодарни на Бог за вас, драги пријатели христијани, вас што Господ ве засака. Тој ве одбра да се спасите меѓу првите[4], така што Светиот Дух ве посвети, а вие поверувавте во вистината.
14Преку нашето проповедање на Радосната вест Бог ве повика да се спасите. Сега можете и вие да се придружите кон славата на нашиот Господ Исус Христос.
15Затоа, драги пријатели христијани, бидете непоколебливи и држете се цврсто до она што ве учевме лично и преку нашите писма.
16А сега, нашиот Господ Исус Христос и Бог Таткото, Кој нѐ сака и ни даде трајна утеха и прекрасна надеж со Својата благонаклоност спрема нас,
17нека ви ги насрчат срцата и нека ви дадат сила постојано да го зборувате и да го правите она што е добро.
Глава 3
уреди
Павле бара да се молат за нив
уреди
1Понатаму, драги пријатели, молете се за нас. Молете се најнапред учењето за Господ да се шири, па и другите да го почитуваат она што го почитувате вие.
2Молете се да не паднеме во рацете на лоши и злобни луѓе, зашто не сите луѓе веруваат во Господ.
3Но, во Господ можете да имате доверба. Тој ќе ви даде сила и ќе ве чува од злиот.
4Господ ни дава увереност дека она што ви го наложивме го правите и ќе продолжите да го правите.
5Се молам Господ да ви ги насочува срцата кон исполнување со љубов, онака како што Бог е полн со љубов и кон трпеливост, онака како што Христос е трпелив.
Бидете вредни, а не мрзливи
уреди
6Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме.
7Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме со вас, ние не седевме со скрстени раце.
8Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар.
9Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример.
10Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде!
11Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа.
12Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат.
13А вам, драги пријатели што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела.
14Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат.
15Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги, како членови на вашето духовно семејство.
Благослови и поздрави
уреди
16Господ нека биде со вас и нека ви дава мир, зашто Самиот Тој е извор на мирот.
17Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле.
18Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите.