1 Кога Соломон ја заврши молитвата, оган се спушти од небото и ги спали паленицата и закланиците, и Господовата слава го исполни Домот.
2 Свештениците не можеа да влезат, зашто Господовата слава го исполни Господовиот Дом.
3 Сите Израелеви синови, откако видоа дека огнот со Господовата слава се спушти на Домот, паднаа ничкум кон земјата до камениот под; поклонувајќи се, почнаа да Го слават Господа: „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов.”
4 Потоа царот и целиот народ почнаа да жртвуваат жртви пред Господа.
5 Царот Соломон принесе за жртва дваесет и две илјади говеда, сто и дваесет илјади овци; и така го осветија Господовиот Дом и царот и сиот народ.
6 Додека свештениците стоеја на должностите, левитите на свирките за Господовите песни, што ги состави царот Давид, Го славеа Господа „зашто е вечна Неговата љубов.” Со тоа Давид Го фалеше Господа преку нивните раце. Пред нив свештениците свиреа во рогови, додека Израелците стоеја.
7 Соломон ја освети и средината на дворот, кој е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник што го направи Соломон не можеше да ги собере палениците ни лебните приноси ни лојот.
8 Во тоа време Соломон го празнуваше празникот седум дена, и сиот Израел со него, мошне голем собир, од влезот во Хамат па до Египетскиот Поток.
9 А на осмиот ден го празнуваа свечениот собир, зашто осветувањето на жртвеникот го празнуваа седум дена, и празникот седум дена.
10 Во дваесет и третиот ден на седмиот месец ги испрати луѓето во нивните шатори, и си отидоа со весело и со задоволно срце заради доброто кое Господ им го направи на Давида и на Соломона и на сиот Израелски народ.
11 Така Соломон ги доврши Господовиот Дом и царскиот дворец и направи сè што имаше наумено во своето срце да го изврши во Господовиот Дом и во својот дворец.
12 Потоа Господ му се јави на Соломона ноќе и му рече: „Ја послушав твојата молитва и го избрав тоа место за да Ми биде Дом на жртвата.
13 Ако го затворам небото за да нема дожд, или ако им заповедам на скакулците за да ја испасат земјата, или ако пуштам помор меѓу Мојот народ,
14 и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата.
15 Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место.
16 И така, сега го избрав и го осветив овој Дом, за да биде тука Моето Име засекогаш, и тука ќе бидат во сите дни Моите очи и Моето срце.
17 А ти, ако одиш пред Мене како што одеше татко ти Давид, правејќи сè што ти заповедав и пазејќи ги Моите одредби и закони,
18 ќе го додржам твојот царски престол како што му ветив на твојот татко Давид, велејќи: ‘Не ќе ти потснема наследник, кој ќе владее во Израел.’”
19 ”Ама ако Ме оставите и ако ги напуштите одредбите и заповедите кои ви ги дадов, та отидете и почнете да им служите на туѓи богови и да им се клањате,
20 ќе ги истерам Израелците од Мојата земја што им ја дадов, и ќе го отфрлам од себе овој Дом, кој Му го посветив на Моето Име, и ќе направам од него приказна и срам меѓу сите народи.
21 Секој што ќе помине покрај овој Дом, кој беше преславен, ќе се вчудоневиди од ужас и ќе праша: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’
22 И ќе му биде одговорено: ‘Го оставија Господа, Бога на своите татковци, Кој ги изведе од Египет и се свртија кон туѓите богови, и им се клањаа, и им служеа, и затоа Господ го пушти на нив сето ова зло.’”