1 Кога сврши сè тоа, сите Израелеви синови, кои се најдоа таму, навлегоа по јудејските градови та ги кршеа столбовите ги сечеа ашерите и ги оборуваа високите места и жртвениците по сето Јудино, Венијаминово, Ефремово и Манасиево племе додека не завршија. Тогаш сите Израелеви синови се вратија секој на својот имот, во своите градови.
2 Езекија пак ги среди свештеничките и левитските редови, секого според неговата служба, свештениците и левитите, за палениците и за помирителните жртви, за да служат, за да Го слават и да Го фалат Господа пред вратите на Господовиот стан.
3 Одреди царски придонес од својот имот за палениците, за утринските и вечерните паленици и за палениците што се принесуваат во сабота, при млада месечина и на празници, како што е напишано во Господовиот Закон.
4 Му заповеда на народот, на ерусалимските жители, да им даваат дел на свештениците и на левитите, за да се зајакнат во Господовиот Закон.
5 Кога се разгласи тоа, Израелевите синови почнаа да донесуваат првини жито, ново вино, масло и мед, и секаков полски плод, и донесуваа изобилни десетини од сè.
6 Израелевите и Јудините синови, кои живееја во јудејските градови, исто така донесуваа десетина од говедата и од ситниот добиток и десетина од светите работи, посветени на Господа, нивниот Бог; донесуваа и даваа сè куп врз куп.
7 Во третиот месец почнаа да прават купови, а во седмиот месец завршија.
8 Тогаш Езекија дојде, со кнезовите и откако ги здогледа куповите, ги благословија Господа и неговиот израелски народ.
9 Потоа Езекија се распраша кај свештениците и левитите за куповите.
10 Одговарајќи, свештеничкиот главатар Азариј, од Садоковиот дом, рече: „Откако почнаа да ги донесуваат овие приноси во Господовиот Дом, јадеме и сме сити а многу и остана, зашто Господ го благослови Својот народ, та го има во изобилие ова множество.”
11 Тогаш Езекија заповеда да се подредат собите во Господовиот Дом, кога ги подготвија,
12 почнаа да ги внесуваат таму приносите десетините и светините; над тоа беа настојници левитот Хонаниј и брат му Симеј, втор од него.
13 А Ехил, Азазиј, Нахат, Асил, Јеримо Јозавед, Елиел, Исмахиј, Мат и Бенај беа настојници покрај Хонаниј и брата му Симеј, по налог на царот Езекија и Азариј, старешината во Божјиот Дом.
14 Кореј, син на левитот Емна, вратар на источната врата, беше над доброволните Божји приноси, за да ги раздава Господовите приноси, и најважните од посветените работи.
15 Под нив беа Еден, Минијамин, Исус, Семај, Амариј и Сеханиј по свештеничките градови, за да им делат совесно на своите според нивните редови, како на големиот така и на малиот,
16 освен машките постари од триесет години запишани во родовниците - на сите кои доаѓаа во Господовиот Дом на својата секојдневна работа, за нивните служења, за нивните должности по нивните редови.
17 Во родовниците беа внесени свештениците според нивните поколенија и левитите од дваесет години нагоре според нивните служби, по нивните редови.
18 Во родословниците беа внесени сите нивни деца, нивни жени, нивни синови и нивни ќерки, во сиот собор, зашто им се посветија искрено на светините.
19 Ароновите синови, свештениците на полските пасишта на своите градови, во секој одделен град, беа одредени по име, за да му даваат дел на секое машко меѓу свештениците. Левитите ги составија сите родословници.
20 Езекија направи така по сета Јудеја, извршувајќи што е добро право и вистинско пред Господа, својот Бог.
21 Во секоја работа што ја почнувал за служба во Божјиот Дом и во законот и во заповедите, барајќи го Бога, се трудеше со сето свое срце и успеваше.