27 глава Втора книга летописи
28 глава
од н.п.
29 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 На Ахаз му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во Господвите очи, како што правеше неговиот татко Давид.
  2 Живееше како израелските цареви, па им излеа и ликови на вааловците.
  3 Самиот кадеше во долината на Еномовиот син и ги помина сопствените синови низ оган, според гнасниот обичај на кривобожечките народи што Господ ги протера пред Израелевите синови.
  4 Принесуваше жртви и кадеше по високите места и брежињата и под секое зелено дрво.
  5 Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирскиот цар, та тој го разби, му зароби мноштво луѓе и го одведе во Дамаск. Уште беше предаден во рацете на израелскиот цар, кој го порази тешко.
  6 Ремалиевиот син Фекај погуби меѓу Јудејците сто дваесет илјади храбри јунаци во еден ден, зашто го беа оставиле Господа, Бога на своите татковци.
  7 А јунакот од Ефремовото племе Зихриј ги погуби царевиот син Масиј и дворскиот управител Азрикам, втор до царот.
  8 Израелевите синови заробија од своите браќа двеста илјади жени, синови и ќерки, а зедоа и голем плен од нив и го однесоа во Самарија.
  9 Таму имаше Господов пророк по име Одид; тој излезе пред војската што одеше во Самарија и рече: „Ете, Господ, Бог на вашите татковци, се разгневи на Јудејците и затоа ги предаде во вашите раце, та ги погуби гневно така што допре до небото.
10 А сега уште мислите да ги ставите под бреме Јудејците и Ерусалимците за да ви бидат робови и робинки; а сепак, не сте ли и вие полни со вина спрема Господа, својот Бог?
11 Затоа послушајте ме сега и вратете го тоа робје што го заробивте од своите браќа, зашто Господовиот гнев ќе се излее врз вас.”
12 Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската.
13 Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.”
14 Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир.
15 Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија.
16 Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат.
17 Едомците пак беа нападнале и ги поразија Јудејците та ги одведоа во робје.
18 Филистејците се раширија по градовите на Јудејскиот Шефел и Негев и, откако ги зазедоа Вет-Самес, Ејалон, Гедирот и Сохот со селата, Тамна со селата и Гимзон со селата, се населија таму.
19 Господ почна да ги понижува Јудејците заради Јудејскиот цар Ахаз, зашто Ахаз ги разузда Јудејците и тешко грешеше против Господа.
20 Асирскиот цар Телгат-Фелнасар дојде против него, и го притесна место да го зајакне.
21 Ахаз ги ограби Господовиот Дом, царскиот дворец и кнезовите и сè тоа му го даде на асирскиот цар, ама ништо не му помогна.
22 Додека беше во неволја, му стана поневерен на Господа; таков беше царот Ахаз.
23 Почна да им жртвува на дамаските богови, кои го поразија, мислејќи: „Кога боговите на арамејските цареви им помагаат ним, ќе им жртвувам за да ми помагаат и мене.” Но тие им беа на пропаст нему и на сиот Израел.
24 Ахаз ги собра посатките од Господовиот Дом, ги искрши, ја затвори вратата на Господовиот Дом и подигна жртвеници по сите агли во Ерусалим.
25 И во секој одделен јудејски град подигна високи места за да им кади на туѓите богови, дразнејќи го Господа, Бога на татковците.
26 Другите негови дела и сите негови патишта, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви.
27 Тогаш Ахаз почина кај татковците. Го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробницата на јудејските цареви. На неговото место се зацари син му Езекија.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse