1 На Амасиј му беа дваесет и пет години кога зацари; царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим.
2 Правеше што е право во Господовите очи, ама не со сето срце.
3 Кога го зацврсти царството, ги погуби стотниците кои го убија царот, неговиот татко.
4 Ама не им ги погуби синовите, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот Закон: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите, ни синовите заради татковците, туку секој нека гине за својот грев.”
5 Потоа Амасиј ги собра Јудејците и сиот Јуда и Венијамин, им ги распредели по семејствата, на илјадниците и стотниците. Откако ги преброи од дваесет години нагоре, најде триста илјади одбрани момчиња за војска, вешти за копје и штит.
6 Од Израелците најми сто илјади храбри јунаци за сто сребрени таланти.
7 Но кај него дојде Божји човек и рече: „Царе, израелската војска нека не иде со тебе, зашто Господ не е со Израелците ниту со Ефремовите синови,
8 туку оди ти сам, биди храбар за бојот; инаку Господ ќе те обори.”
9 Тогаш Амасиј го праша Божјиот човек: „А што ќе биде со стоте таланти што им ги дадов на израелските чети?” Божјиот човек одговори: „Господ има да ти даде повеќе од тоа.”
10 Тогаш Амасиј ги одвои четите што му беа дошле од Ефрема, за да се вратат во своето место. Но војниците се разгневија на Јудејците и се вратија во своето место пламнувајќи од расрденост.
11 А Амасиј, откако се охрабри, го поведе народот, отиде во Солената Долина и погуби десет илјади Сирски синови.
12 Јудините синови заробија десет илјади живи, ги одведоа на врвот на карпата па ги фрлија, така што сите се здробија.
13 Четата што Амасиј ја врати назад за да не оди со нив во бој, грабеше по јудејските градови од Самарија па до Вет-Орон, и истепа во нив три илјади луѓе и запленија многу плен.
14 Потоа, кога Амасиј се врати откако ги разби Едомците, ги донесе боговите на Сирските синови, си ги постави за богови и почна да им се клања и да им кади.
15 Тогаш Господ се разгневи на Амасија и испрати при него пророк, кој го праша: „Зошто ги бараш боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од твојата рака?”
16 Додека тој зборуваше, царот го праша: „Дали си поставен за советник на царот? Прекрати! Зошто да те погубат?” Тогаш пророкот молкна, ама додаде: „Знам дека Бог одлучи да те уништи, бидејќи го правиш тоа, а не го слушаш мојот совет.”
17 Тогаш јудејскиот цар Амасиј смисли и му порача на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз: „Дојди да се видиме лице во лице!”
18 А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Еднаш ливанскиот трн му испрати гласници на ливанскиот кедар и му порача: ‘Дај ја ќерката за жена на мојот син.’ Ама ливанските диви ѕверови поминаа и го нагазија трнот.
19 Ги разби Едомците, па срцето ти се возгордеа и бараш слава. Подобро остани си дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да паднеш и ти и сите Јудејци со тебе?”
20 Но Амасиј не послуша, зашто Бог беше одредил така, за да ги предаде во рацете на Јоаса, затоа што прибегнаа кон едомските богови.
21 Израелскиот цар Јоас излезе, те се обиде во бојот тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет-Семес во Јудеја.
22 Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа под својот шатор.
23 Израелскиот цар Јоас го фати во Вет-Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Јоахазов, и го одведе во Ерусалим; таму го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аголната Врата, во должина од четири стотини лакти.
24 Откако ги зеде: сето злато, сребро и посатките што се наоѓаа во Божјиот Дом кај Овид-Едом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија.
25 Јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, Јоахазовиот син.
26 Другите Амасиеви дела, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви.
27 Откако Амасиј го остави Господа, се ковеше завера против него во Ерусалим. Иако побегна во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе, кои го убија таму.
28 Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа покрај неговите татковци во Јудиниот Град.