1 Ерусалимците го зацарија на неговото место најмладиот му син Охозиј, зашто сите постари ги беше убила четата, која со Арабјаните нападна врз логорот; така се зацари Охозиј, син на јудејскиот цар Јорам.
2 Му беа четириесет и две години кога се зацари. Царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија, Амриева ќерка.
4 Правеше што е зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто токму тие му беа советници по татковата смрт, за негова пропаст.
5 По нивниот совет тргна со Јорам, синот на израелскиот цар Ахав, во бој против арамејскиот цар Азаил во Галадски Рамот. Но Арамејците го поразија Јорама.
6 Тој се врати да се лекува од раните што му ги зададоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејски цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам се разболе.
7 Но Бог направи таа посета на Јорам да му биде за пропаст на Охозиј. Откако дојде, излезе со Јорама против Нимсиевиот син Јуј, кого Господ го помаза за да ја откорне Ахавовата куќа.
8 Додека ја извршуваше одмаздата на Ахавовиот дом, Јуј ги најде јудејските кнезови и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозиј, и ги погуби,
9 а тогаш тргнаа во потрага по Охозиј. Го фатија додека се криеше во Самарија, го доведоа кај Јуја, кој го уби. Го закопаа, зашто рекоа: „Син е на оној Јосафат, кој Го бараше Господа со сето срце.” Така не остана никој од Охозиевиот дом, кој би имал сила за да биде цар.
10 Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека и загина синот, стана и го погуби сиот царски род на Јудиното племе.
11 Но царевата ќерка Јосавета го зеде Охозиевиот син Јоас; откако го украде сред царевите синови кои ги убиваа, го стави со доилката во ложницата. Така Јосавета, ќерката на царот Јорам, жена на свештеникот Јодај, го скри од Готолија, зашто беше Охозиева сестра, та не беше погубен.
12 Беше скриен со нив во Божјиот Дом шест години, сè додека со земјата владееше Готолија.