1 Кога Ровоам го зацврсти царството и зајакна, го напуштија Господовиот закон и тој и сиот Израел со него.
2 Но во петтата година на Ровоамовото царување египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, затоа што тие отстапија од Господа.
3 Дојде со три илјади и двеста бојни коли и со шеесет илјади коњаници, а на народот кој дојде со него од Египет - на Либијците, Сухејците и Етиопците - му немаше број.
4 Откако ги освои тврдите јудејски градови, допре до Ерусалим.
5 Тогаш дојде пророкот Семај кај Ровоам и кај јудејските кнезови, кои што се беа собрале во Ерусалим бегајќи од Сисак, и им рече: „Господ вели вака: ‘Вие Ме оставивте Мене, па и Јас ве оставам во рацете на Сисак.’”
6 Тогаш израелските кнезови и царот се понижија, и рекоа: „Господ е праведен!”
7 Кога Господ виде дека се понижија, Неговото слово му дојде на Семај: „Се понижија; нема да ги уништам, туку скоро ќе им дадам спасение, та Мојот гнев нема да се обори на Ерусалим преку Сисака.
8 Ќе му бидат слуги, за да видат што значи да Ми се служи Мене, а што на земните цареви.”
9 Така египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, ги ограби благото од Господовиот Дом и ризницата на царскиот дворец; зеде сè; ги зеде и златните штитови што ги имаше направено Соломон.
10 Место нив Ровоам направи бронзени штитови и им ги довери на заповедниците на стражата, која ја чуваше вратата на царскиот дворец.
11 Царот кога и да одеше во Господовиот Дом, стражарите ги земаа, а после ги враќаа во стражарницата.
12 И така, кога се смири, Господовиот гнев се одврати од него та не го уништи сосем, зашто и во Јудеја имаше нешто добро.
13 Потоа царот Ровоам се утврди во Ерусалим и царуваше. На Ровоам му беа четириесет и една година кога се зацари, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот кого Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка.
14 Правеше зло, зашто не се заложи со срцето да Го бара Господа.
15 Ровоамовите први и последни дела - и војните што беа водени непрекратно меѓу Ровоам и Јеровоам - запишани се во книгата на пророкот Семај и во племенскиот попис на гледачот Адон.
16 Потоа Ровоам почина со своите татковци и беше погребан во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Авиј.