2 глава Втора книга за царевите
3 глава
од н.п.
4 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Јорам, синот Ахавов, се зацари над Израел во Самарија, во осумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја. И владееше дванаесет години.
  2 Правеше што е зло во Господовите очи, ама не како неговиот татко и неговата мајка, зашто го отстрани Вааловиот столб што го имаше подигнато татко му.
  3 Но се приврзуваше кон гревот со кој Јеровоам, синот Наватов, го заведуваше Израел; и не отстапуваше од него.
  4 Миса, моавскиот цар, беше сточар и му праќаше на израелскиот цар за данок сто илјади јагниња и волна од сто илјади овни.
  5 Но кога умре Ахав, моавскиот цар се побуни против израелскиот цар.
  6 Токму во тоа време царот Јорам излезе од Самарија и изврши смотра на сите Израелци.
  7 Потоа му порача на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се побуни против мене. Сакаш ли со мене во војна против Моавците?” Јудејскиот цар одговори: „Сакам! Јас како ти, мојот народ како твојот народ, моите коњи како и твоите коњи.”
  8 И додаде: „По кој пат ќе одиме?” А другиот му одговори: „Низ Едомската Пустина.”
  9 И така израелскиот цар тргна со јудејскиот цар и со едомскиот цар. Скитаа седум дена, а немаше вода за четите ни за добитокот што идеше по нив.
10 Тогаш израелскиот цар извика: „Ах! Господ ги повика овие три цара, за да ги предаде во рацете на Моавците!”
11 Но Јосафат му рече: „Нема ли тука Господов пророк за да Го прашаме Господа преку него?” Тогаш одговори еден од слугите на израелскиот цар: „Тука е Елисеј, синот Сафатов, кој ги полеваше со вода Илиевите раце.”
12 Јосафат рече: „Божјото слово е во него.” И израелскиот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар отидоа кај Елисеј.
13 Но Елисеј му рече на израелскиот цар: „Што имам јас со тебе? Побарај ги пророците на твојот татко и пророците на твојата мајка!” Израелскиот цар му одговори: „Не! Зашто Господ ги повика овие три цара за да ги предаде во рацете на Моавците.”
14 Елисеј одговори: „Живиот ми Господ над Силите, Кому Му служам, кога не би гледал на јудејскиот цар Јосафат, не ќе ти обрнував внимание, ниту ќе погледнев на тебе.
15 Сега доведете ми свирач.” И додека свирачот свиреше, Господовата рака слезе над него.
16 И тој рече: „Господ вели вака: ‘Ископајте многу јами во оваа долина.’
17 Зашто Господ вели вака: ‘Не ќе почувствувате ветер ниту ќе видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода. И ќе пиете вие, вашиот ситен и крупен добиток.’
18 Ама тоа уште не е ништо во очите на Господа: Тој ќе го предаде Моав во ваши раце.
19 Вие ќе ги заземете сите утврдени градови, ќе ги исечете сите плодни дрва, ќе ги затрупате сите извори и ќе ги запустите најдобрите полиња: ќе ги посеете со камења.”
20 И навистина, наутро, во времето кога се принесува лебниот принос, дојде вода од Едом и ја преплави сета околина.
21 Кога Моавците чуја дека царевите дојдоа да војуваат со нив, ги повикаа сите кои што беа способни за оружје, и ги поставија на границата.
22 Кога станаа утрото и кога сонцето огреа над онаа вода, на Моавците им се стори отстрана дека водата е црвена како крв.
23 И рекоа: „Тоа е крв! Навистина царевите се судрија меѓусебно и се погубија еден друг. А сега: на грабеж, Моавци!”
24 Но кога стигнаа до израелскиот логор, Израелците се кренаа и ги разбија Моавците, така што овие избегаа пред нив. А Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците.
25 Им ги разорија градовите, секој фрлаше по камен на најдобрите ниви за да ги наполнат, ги засипаа изворите и ги исекоа сите плодни дрва. Конечно, остана само градот Кир Арасет; праќкарите го опколија и го биеја.
26 Кога моавскиот цар виде дека не ќе ја издржи битката, зеде со себе седум стотини луѓе вооружени со мечеви, се обиде да се пробие и да дојде до едомскиот цар, ама не успеа.
27 Тогаш го зеде својот син првенец, кој требаше да го наследи, и го принесе како паленица на ѕидот. Тоа им се згади толку на Израелците та отидоа од нив и се вратија во својата земја.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse