Втора книга за царевите/ 25 глава

24 глава Втора книга за царевите
25 глава
од н.п.
нема
врати се кон Стариот Завет
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи.
  2 Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување.
  3 Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб,
  4 непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава.
  5 Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега.
  6 Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда.
  7 Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон.
  8 Во седмиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим влезе Невузардан, заповедник на царската телесна стража и телохранител на вавилонскиот цар.
  9 Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим.
10 Халдејските чети, под заповедникот на царските телохранители, ги разурнаа ѕидовите што го опкружуваа Ерусалим.
11 Невузардан, заповедникот на царските телохранители, го одведе на заточение Остатокот на народот што беше останал во градот, а исто така и бегалците при вавилонскиот цар и другиот свет.
12 Некои од сиромашните, заповедникот ги остави во земјата како лозари и земјоделци.
13 Халдејците ги скршија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море што беа во Господовиот Дом и бронзата ја однесоа во Вавилон.
14 Ги зедоа и грнчињата, лопатите, ножевите, садовите, и воопшто сиот бронзен прибор што беше употребуван во богослужбата.
15 Заповедникот ги зеде и кадилниците и прскалниците, воопшто сè што беше од злато и сребро,
16 два столба, едно море и подножјата, што Соломон даде да ги изработат за Господовиот Дом. Немаше мерка да се прецени колку беше бронзата во сите тие предмети.
17 Првиот столб беше висок осумнаесет лакти, имаше главче од бронза, високо три лакти; имаше мрежа наоколу и калинки, сè од бронза. Таков беше и вториот столб.
18 Началникот на телохранителите ги одведе свештеничкиот главатар Серај, вториот свештеник, Софониј, и тројцата чувари на прагот.
19 Од градот одведе еден дворјанец, војничкиот заповедник, пет луѓе од царската придружба кои се најдоа во градот, писарот на заповедникот на војската, кој собираше војска од народот, и шеесет луѓе од земниот народ кои се најдоа во градот.
20 Заповедникот на царската телесна стража ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла.
21 И вавилонскиот цар заповеда да ги погубат во Ривла, во Ематската Земја. Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја.
22 На народот што остана во јудејската земја и што го остави вавилонскиот цар Навуходоносор, им го постави овој за управител Годолиј, синот Ахикамов, внукот Сафанов.
23 Сите воени повелници и нивните луѓе научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Годолиј, и дојдоа пред него во Миспа: Нетаниевиот син Исмаил; Каријаевиот син Јоанан; синот Тануметов од Нетофат, Серај; синот Махатов Јазаниј - тие и сите нивни луѓе.
24 Годолиј им се заколна ним и на нивните луѓе, и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците; останете во земјата, бидете му потчинети на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.”
25 Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот Нетаниев, внукот Сафанов, внукот Елисамов, кој беше од царски род, и уште десет луѓе со нив, го убија Годолиј, та тој умре како и сите Јудејци и Халдејци кои беа со него во Миспа.
26 Тогаш сиот народ, од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станаа и отидоа во Египет, зашто се боеја од Халдејците.
27 Во триесет и седмата година откако е заточен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и седмиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил-Меродах во првата година на своето владеење го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темницата.
28 Разговараше со него љубезно и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со нив во Вавилон.
29 Јоахин ги смени своите темнички облеки и јадеше со царот покрај исти стол во текот на сиот свој век.
30 До крајот на неговиот живот вавилонскиот цар трајно, од ден во ден, му даваше издржување.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse