1 Во дваесет и седмата година на царувањето на Јеровоам, израелскиот цар, јудејски цар стана Азариј, синот Амасиин.
2 Му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим.
3 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј.
4 Само не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места.
5 Но Господ го удри царот, тој остана лепрозен до смртта. Живееше во оддвоена куќа. Царевиот син Јотам беше управител на дворецот и му судеше на народот во земјата.
6 Другата Азариева повест и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
7 Азариј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град. А на негово место се зацари неговиот син Јотам.
8 Во триесет и осмата година на Азариевото царување во Јудеја, израелски цар во Самарија за шест месеци стана Захариј, синот Јеровоамов.
9 Тој правеше сè што е зло во Господовите очи, како што правеа неговите татковци; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе на грев Израел.
10 Салум, синот Јависов, се побуни против него; го удри и го усмрти во Иблеам, те се зацари место него.
11 Другата повест на Захариј е запишана во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
12 Се исполни словото што Господ му го рече на Јуј: „Твоите синови ќе седат на Израелевиот престол се до четвртото колено.” И така беше.
13 Салум, синот Јависов, стана цар во триесет и деветтата година на царувањето на Озиј, јудејскиот цар, и царуваше месец дена во Самарија.
14 Менаим, синот Гадиев, се дигна од Терса, дојде во Самарија, та го удри Салума, синот Јависов, го усмрти и се зацари место него.
15 Другата повест Салумова, и заверата што ја направи, сè е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
16 Тогаш Менаим ја разурна Тапса и сè што беше во неа, и неговото подрачје од Терса, зашто не му ја отворија вратата. Ја разурна и ги прободе сите трудници во неа.
17 Во триесет и деветтата година на царувањето на Азариј во Јудеја, Менаим, синот Гадиев, стана цар на Израел. Царуваше десет години во Самарија.
18 Правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во сите свои денови.
19 Во негово време, Фул, царот на Асирија, ја освои земјата. Менаим му даде на Фула илјада таланти сребро за да му помогне да ја зацврсти царската власт во своите раце.
20 Менаим ги собра тие сребреници од Израел, од сите имотни луѓе, за да би можел да му ги даде на асирискиот цар. Беа по педесет шекели од човек. Така асирискиот цар се врати и не остана таму во земјата.
21 Другата повест на Менаим, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
22 Менаим почина со своите татковци, а неговиот син Факиј се зацари место него.
23 Во педесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Азариј, израелски цар во Самарија стана Факиј, синот Мениамов. Царуваше две години.
24 Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во грев.
25 Неговиот дворјанец Факеј, синот Ремалиев, направи заговор против него и го уби во Самарија, во стражарницата на царскиот дворец, со Аргов и Арие. Со себе имаше педесет луѓе од Галгал. Го уби царот и се зацари место него.
26 Другата повест на Факиј, и сè што направи, сè тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
27 Во педесет и втората година на царувањето на Азариј, јудејскиот цар, во Самарија цар стана Факеј, синот Ремалиев. Царуваше дваесет години.
28 Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел.
29 Во време на израелскиот цар Факеј дојде асирискиот цар Теглат Феласар и ги зазеде Ијон, Авел Вет Мака, Јанох, Кедес, Асор, Галад, Галилеја и сета Нефталимова Земја. И го одведе населението во Асирија.
30 Осиј, синот Илин, се завери против Факеј, синот Ремалиев, го уби и се зацари место него во дваесеттата година на Јотам, синот Озиин.
31 Другата Факеева повест, сè што направи, сè тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
32 Во втората година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, над Израел; јудејски цар стана Јотам, синот Озиин.
33 Му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Еруса, Садокова ќерка.
34 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и татко му Озиј.
35 Но ни тој не ги разурна високите места; народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Тој ја изгради Горната Врата на Господовиот Дом.
36 Другата повест на Јотама, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
37 Во неговите дни Господ почна да ги праќа против Јудеја арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев.
38 Тогаш Јотам почина кај татковците, и го погребаа во градот на неговиот прататко Давид. А на негово место се зацари син му Ахаз.