1 Во Самарија беа седумдесет Ахавови синови. Јуј напиша писмо и им го испрати на заповедниците на градот, на старешините и на хранителите на Ахавовите деца. Велеше во него:
2 ”Сега, кога ќе ви стигне ова писмо - вие, кај кои се синовите на вашиот господар, кои имате коли и коњи, цврсти градови и оружје -
3 погледајте кој од синовите на вашиот господар е најдобар и најдостоен, па го поставите на престолот на неговиот татко и борете се за домот на својот господар.”
4 Но тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, два цара не можеа да му дадат отпор, како ќе му устоиме ние?”
5 Управителот на дворецот, повелникот на градот и старешините и хранителите му го порачаа ова на Јуј: „Ние сме твои слуги, ќе правиме сè што ќе ни наредиш; никого нема да го прогласиме за цар. Прави што мислиш дека е добро.”
6 Јуј им напиша и второ писмо и рече во него: „Ако сте за мене и ако сакате да ме слушате, земете им ги главите на луѓето; на синовите на својот господар, и побарајте ме утре во ова доба во Езраел.” Имено, седумдесет царски синови беа кај угледните граѓани, кои ги воспитуваа.
7 А кога им стигна ова писмо, ги зедоа царевите синови и ги погубија сите седумдесет. Нивните глави ги ставија во кошници и му ги испратија нему во Езраел.
8 Гласникот дојде и му јави: „Ги донесоа главите на царските синови.” Тој рече: „Ставете ги до утре кај влезната врата, на две купчиња.”
9 Утрото излезе, застана и му рече на својот народ: „Вие сте праведни! Јас се заверив против својот господар, но кој ги уби сите овие?
10 Знајте, дека не остана ниту едно слово што Господ го кажа против Ахавовиот дом; туку Господ изврши сè што рече преку Својот слуга Илија.”
11 И Јуј ги погуби во Езраел сите кои останаа од Ахавовиот дом, сите големци, неговите пријатели и неговите свештеници. Никого не поштеди.
12 Потоа Јуј стана и отиде во Самарија. Кога беше на патот кај Овчарска Колиба,
13 ги најде браќата на јудејскиот цар Охозиј та ги праша: „Кои сте?” Тие му одговорија: „Ние сме браќа на Охозиј, а слегуваме за да ги поздравиме царевите синови и синовите на царицата.”
14 Тогаш заповеда: „Фатете ги живи!” И ги фатија живи, и ги погубија при кладенецот кај Вет Екеда, нив четириесет и два. Не остави ниеден од нив.
15 Откако си отиде оттаму, го најде Јонадава, синот Рихавов, кој му доаѓаше во пресрет. Тој го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце искрено спрема моето, како што е моето кон твоето?” Јонадав одговори: „Искрено е.” - „Ако е така, дај ми ја раката.” Јонадав му ја испружи раката, и Јуј го стави покрај себеси во колата.
16 И му рече: „Дојди по мене, ќе и се восхитуваш на мојата ревност по Господа.” И го одведе во својата кола.
17 Влезе во Самарија и ги погуби сите преживеани од Ахавовиот дом во Самарија. Сите ги откорна според словото што Господ му го кажа на Илија.
18 Јуј го собра сиот народ и му рече: „Ахав го почитуваше малку Ваала; Јуј ќе го почитува повеќе.
19 Сега повикајте ми ги сите Валови пророци, сите негови слуги и сите негови свештеници, нека не изостане ниеден, зашто ќе му жртвувам на Ваала голема жртва. Кој ќе изостане, ќе го изгуби животот.” Јуј работеше итро, за да ги уништи Валовите верници.
20 Јуј рече: „Свикајте свечен собир за Ваала.” И го свикаа.
21 На тоа Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Валови верници: не беше ниту еден изостанат. Се собраа во Валовиот храм, што се исполни од едниот ѕид до другиот.
22 Јуј му рече на чуварот на облеките: „Изнесете им облеки на сите Валови верници.” И им ги изнесе облеките.
23 Јуј влезе во Валовиот храм со Јонадава, синот Рихавов, и им рече на Валовите верници: „Проверете добро, за да нема тука меѓу вас Господови слуги, туку само Валови верници.”
24 Тие влегоа да принесат жртви и паленици. Но Јуј имаше поставено надвор осумдесет свои луѓе и им рече: „Ако некој од вас пушти да избега и само еден од овие луѓе што ги предавам во вашите раце, со својот живот ќе плати за неговиот живот.”
25 Кога Јуј го заврши приносот на паленицата, им нареди на телохранителите и на началниците: „Влезете, погубете ги! Никој да не излезе!” Телохранителите и началниците влегоа, ги погубија со острилото на мечот и ги исфрлија надвор. После отидоа до светилиштето на Валовиот храм.
26 Го изнесоа Валовиот лик од храмот и го спалија.
27 Го раскопаа Валовиот жртвеник и го претворија во јами за нечистота, што останаа до денес.
28 Така Јуј го истреби Ваала од Израел.
29 Но Јуј не се сврти од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, со кои го заведуваше Израел, од златните телиња во Ветил и Дан.
30 Господ му рече на Јуј: „Затоа што го сврши добро тоа што ми е по волја, и затоа што направи сè што го носев во срцето против Ахавовата куќа, твоите синови ќе седат на престолот Израелев сè до четвртото колено.”
31 Но Јуј не го следеше верно и со сето срце законот на Господа, Израелевиот Бог. Не се одврати од гревовите со кои Јеровоам го заведуваше Израел.
32 Во она време Господ почна да отцепува делови од Израелевата Земја, и Азаил се биеше со Израел на свое подрачје,
33 од Јордан кон изгрејсонце, во сета земја Галад, во Гадовата, Рувимовата и Манасиевата земја, сè од Ароир, до Галад и Васан.
34 Другите Јујови дела, сè што направи, сите негови дела, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
35 Почина покрај своите татковци и го погребаа во Самарија. Неговиот син Јоахаз се зацари место него.
36 Јуј владееше во Самарија над Израел дваесет и осум години.