3 глава Втора книга Самоилова
4 глава
од н.п.
5 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Кога Сауловиот син Исвостеј чу дека Авенир загина во Хеврон, рацете му се истоштија, и сиот Израел се вознемири.
  2 А Сауловиот син Исвостеј имаше двајца водачи на своите чети: еден се викаше Вана, а вториот Рихав; му беа синови на Римон Вироќанецот од Венијаминовото племе, зашто Римон се вбројуваше кон Венијамина.
  3 А Вироќанците беа пребегале во Гитаим, каде што останаа како придојденци до денешниот ден.
  4 Сауловиот син Јонатан имаше син хром на двете нозе. Нему му беа пет години кога од Езраел дојде глас за Сауловото и Јонатановото загинување. Неговата гледачка го дигнала и избега, но заради брзината на бегството детето падна и остана хромо. Името му беше Мефивостеј.
  5 Синовите на Вироќанецот Римон, Рихав и Вана, се кренаа и дојдоа во време на најголемата дневна горештина до куќата на Исвостеј, а тој токму ја спиеше пладневната починка.
  6 (А вратарката, чистејќи пченица, беше задремала та спиеше.) И влегоа таму до средината на куќата како дека ќе земат жито, го удрија во желудникот и избегаа зашто
  7 кога влегоа во куќата, тој лежеше на постелата во својата спална. Тие го убија, му ја отсекоа главата и ја зедоа и цела таа ноќ одеа по патот низ Араба.
  8 Исвостеевата глава му ја донесоа на Давида во Хеврон и му рекоа на царот: „Еве ја главата на Исвостеј, Сауловиот син, твојот непријател кој ти работеше спроти главата. Господ денес го одмазди крваво мојот господар и цар врз Саула и врз неговиот род.”
  9 Но Давид им одговори на Рихав и на неговиот брат Вана, на синовите на Римон од Вирот, и им рече: „Така ми живиот Господ, Кој ме избави од секоја неволја!
10 Оној кој ми јави дека загина Саул, мислеше дека ми јавува радосна вест, а јас го фатив и го погубив во Сиклаг, за да му платам за неговата добра вест!
11 Што ли ќе направам допрва со злосторниците кои што убија чесен човек во неговата куќа, на неговата постела! Зар да не барам од вас сметка за неговата крв и зар да не ве истребам од земјата?”
12 Тогаш Давид им заповеда на војниците, та ги погубија. Потоа им ги отсекоа рацете и нозете и ги обесија кај езерото во Хеврон. Ја зедоа Исвостеевата глава и ја погребаа во Авенировиот гроб во Хеврон.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.