1 Давид му ги упати на Господа зборовите на оваа песна во денот кога Господ го избави од рацете на сите негови непријатели и од Сауловата рака.
2 Пееше: „Господи, стено моја, тврдино моја, спасител мој;
3 Боже мој, пештеро моја во која прибегнувам, штит мој, спасение мое, крепост моја! Ти ме избавуваш од насилство.
4 Ќе го повикам Господа, Кој е предостоен за пофалба и ќе бидам избавен од непријателите.
5 Брановите на смртта ме опкружија мене, ме исплашија погубувачките буици.
6 Јажињата на Подземјето ме сопираа, смртоносни стапици паднаа на мене:
7 во неволја го повикав Господа и извикав кон својот Бог. Од Својот Дом го чу мојот повик и моето викање стигна до Неговите уши.
8 И земјата се стресе и се растрепери, се растресоа основите на небесата, се раздвижија, зашто Тој пламна со гнев.
9 Од Неговите носалки се дига дим, од Неговата уста избувна оган, живожарица пламти од Него.
10 Тој ги наведна небесата и слезе, под Неговите нозе - мрачни облаци.
11 Застана над херувим и полета; заброди врз крилјата на ветерот.
12 Се наметна со мракот како со превез, се покри со темни води и со густи облаци,
13 од блесокот пред Неговото лице пламнаа огнени јаглења.
14 Господ загрми од небото, гласот на Сèвишниот ечи.
15 Ги оптегна стрелите и ги распрсна враговите, фрли молњи и ги обори на земјата.
16 Морските дна се покажаа, и основите на светот станаа голи од страшната закана на Господа, од буроносниот здив на Неговиот гнев.
17 Тој ја испружи раката од небото и ме прифати мене, Тој ме избави од силните води.
18 Мене ме ослободи од силниот противник, од моите непријатели посилни од мене.
19 Станаа против мене во злосреќен ден, но Господ ме заштити,
20 ме изведе во широко поле, ме спаси, зашто сум Му мил.
21 Според мојата праведност Господ ми врати, според чистотата на моите раце Тој ме награди,
22 зашто ги пазев Господовите патишта, не се оддалечив од својот Бог.
23 Неговите одредби се пред моите очи, не ги отфрлив Неговите заповеди,
24 Нему Му бев верен до с’ржта, се чувам од секој грев.
25 Господ ми врати според мојата правда, ја виде чистотата на моите раце.
26 Со пријателот Ти си пријател, на чесниот со чесност му враќаш.
27 Со чистиот човек Ти си чист, а итриот го надигруваш,
28 зашто на понизниот народ му донесуваш спасение, а ги понижуваш горделивите очи.
29 Господи, Ти ја запалуваш мојата светилка, Боже, ја осветлуваш мојата темнина:
30 со Тебе удирам врз непријателските чети, со својот Бог ги прескокнувам ѕидовите.
31 Совршени се Господовите патишта, и Господовото слово е испитано со оган. Тој им е штит на сите, кои прибегнуваат кај Него.
32 Зашто кој е Бог освен Господ? Кој е стена освен нашиот Бог?
33 Тој Бог ме опашува со сила, и ја отстранува гибелта од мојот пат.
34 Ми даде нозе брзи како на кошута, и ме постави на безбедни височини,
35 ми ги извежба рацете за борба и мишките за да оптегнуваат бронзен лак.
36 Ми го даваш Својот штит што спасува, Твојата грижливост ме возвиси.
37 Верба му даваш на мојот чекор, и моите нозе веќе не се сопнуваат.
38 Ги гонев своите непријатели и ги настигнав, и не се вратив додека не ги уништив.
39 Ги оборувам, не можат да се дигнат, паѓаат, ми лежат под нозете.
40 Ти ме опаша со сила за борба, а моите противници ми ги подложи мене.
41 Ти ги натера во бегство моите врагови, и ги распрсна оние кои што ме мразеа.
42 Викаат на помош, никој да помогне, викаат кон Господа, не се одѕвива.
43 Ги здробив како прав на ветер, ги згазив како кал на патот.
44 Ти ме избави од буната во мојот народ, ме постави за главатар на незнабошците, народ, што не го познавав, ми служи.
45 Тој го слуша покорно секое мое шептење. Синови туѓинци ми ласкаат мене.
46 Туѓинските синови ја губат смелоста, излегуваат треперејќи од своите тврдини.
47 Жив е Господ! Благословена да е мојата Стена! Нека се возвиши Господ, моето спасение!
48 Бог Кој ми дава одмазда и ми ги покорува мене народите.
49 Ме избавуваш од моите непријатели, и ме издигаш над моите противници, Ти ме спасуваш мене од човекот - силник.
50 Затоа Те славам, Господи, меѓу народите и ќе го воспевам Твоето Име:
51 ги умножи победите на Својот цар, му искажа милост на Својот помазаник, на Давида и на неговото потомство довека.”