„Денови“ „Печал“

од Коста Солев Рацин
„Селска мака“
Препис во оригинал како што е издадена во збирката песни „Бели Мугри.


Печал

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце — на срца срцето,
срце — ширини широко
срце — длбини длбоко —
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите —
ден слнце вишен високо
ден — море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко —
целиот свет да загрне!

Поврзано


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.