Бели Мугри/ На Струга дуќан да имам...

„Татунчо“ „На Струга дуќан да имам...“

од Коста Солев Рацин
„Копачите“
Препис во оригинал како што е издадена во збирката песни „Бели Мугри.


На Струга дућан да имам...

„Занаетот е златен...“
Народна пословица


1.
Изгори, мерак, изгори,
изгори — пепел се стори!
Сал не скоривај јадови
на стари, добри мајстори!

Времиња тешки дојдова
уште по тешки прокуди,
от ден на ден се умира
и душа бере с години.

Не пеј песната страдална —
в гората капат лисјата,
водите течат — ронат брег
и влечат млади јасики.

Чаршиите изумреа
дућаните запустеа —
пропадна сичко, прокопса
занает златен — рђоса!

2.
Ние имафме чаршии
и рој — кошница пазари
и ред редени маази
плни, преплни со стока.

Слегнеш ли долу в чаршиа,
минеш ли покрај дућани —
пукот и врева — работа
и алтан плно чекмеџе!

Сами ковафме кондури
правефме бочви, мотики,
с нашите раци мајсторски
дигнафме бели градови.

Кој ни ги срина, кој ни ги
очумаве градовите?
Кој ни запусте, затвори
дућани, кући високи?

3.
Наквечер дојди, наквечер
наквечер — в прва темница,
мини го прагот раскапан
влези во трошна одаја,
на миндер седни накривен
со каракамен на гради:
каде е, каде радоста
каде е кућа весела?

Штамата чмае, штамата
дебнее пуста проклета,
како ли, боже, чумата
в косите сичко стекнала.

По сокаците чекорат
кондури с клинци ковани,
штамата сечат с ножови
и пиат вино румено.

А в бафчи трендафилите
слушаш ги — со темницата
шепотат севда без мерак,
шепотат — златни времиња!

4.
Прикаски си останаа
старите бочви со вино!
Прикаски болни, таговни
грутки во срце снеговни!

Раскапани, буђосани
со обрачи рђосани,
по темни изби мемливи
риат ги црвци смрдливи.

Никој не кова, не прави
старите бочви големи!
Старите бочви — преплни
со рујно вино црвено!

И ноће — слушаш! — баботат
по бочвите сајбиите!
Деца се плашат — бегаат
сништа за стари времиња. . .

5.
Банки дигнаа палати
распнаа мрежи широки,
банки дигнаа палати
и кули танки, високи:
нагоре кула висока
надолу земја длбока.

От сичко носат кајмакот
от пот'та цедат го сокот,
от сичко носат кајмакот
маката нам оставаат!

Банки дигнаа палати,
банки на нови имами,
кондури друзи коваат
с мотики гроб ни копаат —
пајдоса, златен, рђоса
нашиот чесен занает!

6.
Ај, на наломи излези
бело Фиданче писано,
прошетај долу в чаршиа
кога седам на кепенци!

Ако со око погледнам
око е — да го ископам
ако со рака посигнам
рака е — да ја исечам.

Но ако срам ме залиса
оти сум жив а закопан,
кажи ми, кажи, Фиданче
кај да се криам со лице?

Мајстор беф и устабаша
мајстор беф — станаф чираче:
за борч продадоф дућанот
за борч продадоф алатот —
с две раци сум, и тиа две
скапаја се без работа!

7.
Тешката тага, тешката,
тешката тешко засвири!
Севда е тешка, голема,
уште по тешки прокуда!

Наточи вино крваво!
Наточи на вересија!
Донеси да ја коваме
на Крали Марка сабјата!

В горите лисја капале —
в избите веди мскајат!
В поле над млади јагнца
ножеви остри лскајат.

На Струга дућан да имам
на кепенците да седам,
да видам, само да видам
и на кепенкот да умрам!

Поврзано


  Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.